Линкови за пристапност

Олаф Шолц денес на разговори во Украина, утре патува за Москва


Украинскиот претседател Володимир Зеленски е домаќин на германскиот канцелар Олаф Шолц денес во Киев, додека западните лидери изразуваат солидарност со Украина поради стравувањата од руска инвазија.

Шолц, кој во вторник ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, повика на деескалација на односите со Русија, пишувајќи на Твитер дека „натамошна воена агресија“ ќе донесе сериозни последици. Тој рече дека активностите на Русија претставуваат многу сериозна закана за мирот во Европа.

Иако јавно не се обврзаа на конкретни реакции во случај на руска инвазија на Украина, еден одговор на западните влади рекоа дека ќе го преземат е воведување дополнителни економски санкции против Русија.

Украина во неделата побара Русија и другите членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа да учествуваат на состанок во рок од два дена на кој ќе се разговара за движењата на руските трупи.

„Ако Русија е сериозна кога зборува за неделивоста на безбедноста во просторот на ОБСЕ, таа мора да ја исполни својата заложба за воена транспарентност со цел да ги деескалира тензиите и да ја зајакне безбедноста за сите“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Русија ги негираше своите планови за инвазија на Украина.

Претседателот Џо Бајден го увери Зеленски во телефонскиот разговор во неделата на американската посветеност на „суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Белата куќа во соопштение рече дека Бајден „јасно му ставил на зхаење на Зеленски дека САД ќе одговорат брзо и решително, заедно со своите сојузници и партнери, на секоја натамошна руска агресија врз Украина“.

Бајден ја отфрли можноста за испраќање на американски војници кои ќе се борат заедно со Украинците во случај на руска инвазија, но вети дека ќе воведе „брзи и строги“ економски санкции.

Бајден испрати пет илјади американски војници во источноевропските земји на НАТО кои се најблиску до Русија за да помогнат во зајакнувањето на нивните борбени сили.

САД ги повикаа сите Американци во Украина веднаш да заминат, а Одделот за одбрана повлече 160 воени советници кои и помагаа на украинската влада.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG