Светски заговор, план за намалување на населението, опасност од вакцини, чипирање - ова се само дел од дезинформациите кои кружат низ планетата и на кои не се имуни ниту македонските граѓани.
Пандемијата само покажа какви проблеми можат да предизвикаат дезинформациите. Резултатите од истражувањето на Евроатлантскиот совет се дека повозрасните испитаници можат подобро да препознаат дезинформации за разлика од оние кои се на возраст од 16 до 20 години.
Оваа категорија млади помалку посетува обуки за медиумска писменост за разлика од оние кои се на возраст меѓу 31 и 35 години. Зачленувањето во НАТО пред речиси 2 години не значи дека Северна Македонија не е таргет на организирани кампањи за дезинформации кои доаѓаат од разни центри.
„Како држава која неодамна стана членка на НАТО и очекува да почне преговори за членство во Европската Унија моравме во време на пандемија се справувавме и со организирана кампања за дезинформирање која имаше за цел да го сврти јавното мислење наспроти евроатлантските организации со интензивна употреба на квази аргументи дека тие организации наводно не ѝ помагаат на Северна Македонија во време на пандемијата. Целта на оваа хибридна стратегија беше јасна - со поткопување на довербата во НАТО и во ЕУ, граѓаните да почнат да размислуваат за некои други алтернативи, кои, наводно би биле многу поподготвени да ни помагаат во секое време“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Претставници на врвот на НАТО јасно покажуваат на, како што велат, најголемиот извор на деизнформации – Русија. Ваквите активности на Москва, во Брисел недвосмислено го поврзуваат со руските активности на украинските граници и можноста за отворен конфликт.
„Денеска, а особено во изминатите месеци сведочиме на една од најголемите дезинформациски кампањи досега, а тоа се активностите на Русија на границите на Украина каде распередли повеќе од 130.000 војници. Притоа ја дезинформира меѓународната јавност и ја обвинува Украина како причина за таквото трупање единици, истовремено обвинувајќи го и НАТО. Ве уверувам дека Алијансата е силно посветена и обединета за главните точки – осигурување на стабилност и безбедност за сите НАТО членки, ние сме 30 членки и стоиме едни зад други. Искрено сме посветени на одвраќање на Русија, но и на дијалог со Москва“, вели Баиба Браже, помошник - генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија.
За состојбата во Украина и опасноста од руска инвазија се зборувало на средбата меѓу новата министерка за одбрана Славјанка Петровска и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.
„Беше истакната важноста на единството со кое НАТО сојузниците пристапуваат кон прашањето, вложувајќи напори за дипломатското решавање на спорот, изразувајќи поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.