Линкови за пристапност

На Олимписките игри во Пекинг, Кси и Путин објавија план за спротивставување на САД


Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Кси Џинпинг ветија поблиска соработка за да се спротивстават на влијанието на САД за време на денешните разговори пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Пекинг 2022.

Состанокот Путин – Кси, 38-ми од ваков вид, според Пекинг беше најновиот доказ дека двете земји се зближија откако нивните односи со Соединетите држави се заладени.

Состанокот се случува во клучен момент, кога Русија распореди над 100.000 војници долж границата со Украина и бара отстапки од НАТО, западната воена алијанса, што предизвикува страв од конфликт.

Не е јасно колку далеку Кина е подготвена да оди во поддршката на Русија за украинското прашање, особено ако ситуацијата се претвори во насилство за време на Олимписките игри во Пекинг.

Во заедничката изјава по средбата Путин-Кси не се споменува експлицитно Украина. Сепак, во документот се вели дека двете земји се противат на понатамошното проширување на НАТО и повикаа на воената алијанса да се откаже од пристапот на „Студена војна“.

САД ја обвинија Русија дека бара изговор за инвазија на Украина, како дел од нејзините напори да ја прошири сферата на влијание на Москва во Источна Европа.

Во долгата и опширна изјава, Русија, исто така, ја потврди својата поддршка за позициите на Кина за Тајван, велејќи дека островот е „интегрален дел од Кина“ и дека се противи на независноста на Тајван „во која било форма“.

Кинеските власти неодамна го предупредија Вашингтон дека неговата поддршка на Тајван, самоуправен остров за кој тврди Пекинг, може да резултира со војна меѓу САД и Кина.

Во нивната изјава, Путин и Кси ги осудија „обидите на надворешните сили да ја поткопаат безбедноста и стабилноста во нивните заеднички соседни региони“. Иако во соопштението не се наведени точните региони за кои станува збор, се вели дека двете страни ветиле „да ја зголемат соработката“ во тие области.

Путин и Кси, исто така, го насочија американскиот пристап кон Азија, што Кина го гледа како обид да се спротивстави на нејзиниот подем. Двајцата лидери рекоа дека „остануваат многу внимателни во однос на негативното влијание врз мирот и стабилноста“ на американската индо-пацифичка стратегија. Тие, исто така, рекоа дека се „сериозно загрижени“ поради неодамнешното создавање на трилатерален сојуз меѓу Соединетите држави, Велика Британија и Австралија.

XS
SM
MD
LG