Линкови за пристапност

Светски познатиот џез музичар од Охрид Владимир Четкар, ја започнува својата турнеја во САД


Четкар на турнеја во САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

„Иако работам интернационален звук, јас сепак го промовирам мојот народ и мојата земја“, вели музичарот Владимир Четкар.

Со ваква мисла светски познатиот музичар од Охрид - Владимир Четкар, замина на едномесечна турнеја низ САД, која започнува со настап во Детроит на 28-ми јануари, а потоа продолжува во Чикаго, Кливленд и Њујорк.

„Турнејата ќе заврши со концерт во Флорида, на Вест Палм Бич во музејот Нортон. Сите тие пет концерти се на многу убави и престижни места, музеи и џез клубови. Долго време се подготвуваме како уметници за такви моменти. Возбуден сум, бидејќи времиња се авантуристички “, вели тој.

Оваа турнеја има посебна симболика бидејќи со концертот во Флорида на 18-ти февруари, Четкар одбележува јубилеј – 100-ти концерт со своја авторска музика надвор од границите на Балканот.

На неговите концерти доаѓаат не само македонски иселеници во САД, туку и публика од сите вери и националности. Жанрот што тој го негува е комбинација од џез, фанк и соул.

„Луѓето го доживуваат како доминантно американски музичар, но кај него ништо не е еднострано, т.е. сѐ е интернационално. Во неговата публика секогаш ќе сретнете Македонци, Американци и туристи кои дошле во Њујорк. Тоа е затоа што мојата музика е специфична“, додава Четкар.

Вели дека е предизвик да се организира нешто вакво во услови на пандемија.

„Бидејќи сѐ се прави под знак прашалник и под страв. Имам пет постави со кои ќе настапам. Сите се американски музичари. Сега сѐ зависи од еден тест пред заминување, а тоа е нешто што навистина за нас уметници е кошмар. Тоа е начин на живот што сакам што побрзо да заврши и да живееме поинаку“, вели тој.

И покрај големите можности за живот кои ги нуди Америка, Четкар сега поголем дел од годината поминува во Охрид. За него вели дека му е вечна инспирација.

„Јас сум бил среќен што сум се родил во Охрид. Сепак, Охрид е светско наследство. Ако не дојдам тука имам чувство дека ми пресушува инспирацијата, ми се суши таа желба за работа и дејствување. Деновиве сум овде, а во Токио, Кобе, Нагано, Јапонија ја пуштаат “Come with me” константно на радио“, додава Четкар.

Четкар покрај САД со свои настапи ја пропатувал Европа и добар дел од Азија. Најавува завршување на својот четврти студиски албум, по што ќе следува есенска турнеја низ САД и Азија.

XS
SM
MD
LG