Линкови за пристапност

Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот – „да не дозволиме минатото да се повтори“


Holocaust Memorial Center in Skopje, Macedonia
Holocaust Memorial Center in Skopje, Macedonia

На 27 јануари 1945 година беше ослободен Аушвиц – глетката и снимките од тоа што таму се случувало се запомнети како дел од најтемните моменти на човековата историја. 77 години подоцна светот го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот кој ја покоси речиси целата еврејска заедница во Северна Македонија. „Не можеме да го промениме минатото, но може да влијаеме на иднината – да не ги заборавиме жртвите за да не дозволиме минатото да се повтори“ - порача израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид чиј татко, ги преживеал случувањата во Втората светска војна.

„Го прашав, тато, како се чувствуваше тие години. Тој ми одговори – виновно. Се чувствував така зашто баш очигледно дека целиот свет сакаше да бидам мртов, а јас одбивав да умрам – оттука не сум бил добро дете, а сакав да бидам добар. Ми рече, можеби тоа било детски, но се чувствував виновен, зашто сум жив.“, изјави Јаир Лапид, министер за надворешни работи на Израел.

И по речиси 80 години од откривањето на вистината за случувањата во концентрационите логори, во светот се уште е присутна политика на негирање на Холокаустот.

САД остануваат посветени на барањето правда за преживеаните од холокаустот и за нивните наследници. Уште од првиот ден на администрацијата на Бајден, претседателот и Стејт департментот како приоритет го стави справувањето со негирањето на Холокаустот.
Колинс, Амбасада на САД во Северна Македонија

„САД остануваат посветени на барањето правда за преживеаните од холокаустот и за нивните наследници. Уште од првиот ден на администрацијата на Бајден, претседателот и Стејт департментот како приоритет го стави справувањето со негирањето на Холокаустот. САД преземаат конкретни мерки против неодамнешниот пораст на антисемитизмот“, истакна Рејчел Колинс, советничка за политичка и верска слобода во Амбасадата на САД во Скопје.

На собирот во Скопје што се одржа по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот беше пратена порака дека мора да се едуцираат идните генерации за да се спречи повторување на минатото.

„Вистинска благодарност до преживеаните, жени и мажи, кои со нас ги споделуваат нивните искуства од минатите времиња. Тоа е дар што им го даваат на другите, спомени од најтемните поглавја од нивните животи иако тоа значи справување со болни сеќавања. Со тоа се овозможува новите генерации да учат од тие искуства за во иднина минатото, никогаш да не се повтори.“, истакна Флоријан Штајенс, од Амбасадата на Германија во Северна Македонија.

Генералното собрание на Обединетите нации минатата недела усвои резолуција со која се осудува секое негирање на Холокаустот и се повикуваат сите држави и земји членки да преземат активни мерки за борба против антисемитизмот и негирањето или искривувањето на Холокаустот.

XS
SM
MD
LG