Линкови за пристапност

Македонските безбедносни и разузнавачки служби треба да соработуваат и разменуваат информации со своите партнери од НАТО


Позиционирањето на Северна Македонија во украинско - рускиот конфликт треба да биде на страната на НАТО сојузниците каде се интегрираше со голема помош на САД, вели долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски. Тој додава дека ако од земјава биде побарана некаква помош, таа треба и да го испорача.

„Треба заеднички со сојузниците од НАТО да ги следиме укажувањата кои ќе бидат дадени во наредниот период. Ако ние веќе дадовме свои војници во Алијансата во Авганистан, ако дававме свои војници во американскиот сојузнички табор во Ирак, тогаш би требале со самото членство во НАТО доколку биде побарано од нас, да дадеме и тоа. Значи да испратиме македонски војници? Доколку бараат ќе треба да испратиме“, вели новинарот Мирче Адамчевски.

Македонските безбедносни и разузнавачки служби треба да соработуваат и разменуваат информации со своите партнери од НАТО, но и да го следат исклучителното агресивно присуство на Руската федерација на Балканот и Северна Македонија кое не може да го видат обичните граѓани, вели професорот, Марјан Ѓуровски.

„Не може да се забележи со голо око. И, самото протерување на најмалку два руски дипломати официјално и на најмалку уште еден кој самиот замина по своја волја од Северна Македонија е потврда за руското мешетарење и злоупотреба на политичката состојба на Балканот“, вели тој.

Ѓуровски додава, дека надворешната руска политика за ширење на своето влијание во регионот па и земјата, користи класични политички средства преку продор на руски разузнавачки служби во политичките и бизнис елити.

„Овде во нашата држава исто така се обидуваат преку различно влијание на политичко делување да се оствари политичка дестабилизација. Преку инфилтрација во центри на одлучување и влијанија, како што се една до две помали политички партии во земјата, одредени медиуми од социјалните мрежи и невладиниот сектор“, додава тој.

Во своите обиди за влијание во православниот свет, официјална Москва ја користи и Руската православна црква вели тој.

„Имајќи во предвид дека и членови на Синодот на МПЦ имаат исклучително блиски односи со дел на Руската православна црква, особено за жал застапуваат ставови и интереси на Руската православна црква која не ја признава македонската“.

Новинарот Адамчевски, пак, смета дека денес руското влијание не е од размери какво што било во 2015-та или 2017-та година, кога руската дипломатија отворено застанала позади тогашниот премиeр Никола Груевски.

„Пред еден месец беше подготвен документарен филм од страна на Русија, во кој се зборува дека словенската писменост потекнува од Македонија и од Македонија се шири насекаде во славјанските држави, на што тоа наиде на критика од страна на Бугарија. Мислам дека ова се пропаганди, но меки пропагандни потези на Русија, на кои наседнуваат во македонската јавност, а огорчено реагираат во бугарската јавност“, вели Адамчевски.

Професорот Ѓуровски заклучува дека економските санкции, укинувањето на визите и дозволите за престој на сите граѓани на Руската федерација, надвор од Русија, на територијата на ЕУ и САД се едни од механизмите за притисок и дејствување кон Русија, заради најзиното дејствување на границата со Украина.

XS
SM
MD
LG