Линкови за пристапност

Носењето заштитни маски во училиштата, задолжителна обврска или право на избор?


Наместо во училишните клупи, поради ширењето на омикрон сојот, учениците останаа дома. Добија продолжен зимски распуст од две недели. Во меѓувреме, од граѓанската иницијатива која се залага за промена на ковид протоколите во образованието, остануваат на ставот употребата на маски да биде по избор на родителите, а не да е задолжителна, како што е тоа сега случај.

„Нашата иницијатива се залага и ќе успее во тоа да ги отстрани маските во училиштата. Доколку одредени родители поради страв или поради која било друга причина сметаат дека нивните деца треба да продолжат да ги носат маските, нека ги носат маските“, вели Трајче Петковски од граѓанската иницијатива.

Сметаат дека долготрајното носење на маски претставува закана по здравјето на децата, од кој било аспект.

Петковски вели дека иако не стои во протоколите, во голем број на училишта, се употребуваат маски и на часовите по физичко воспитување.

„Јас сум личен пример каде што моето дете користи маска на физичко воспитување. По тој час по физичко воспитување, тие повторно продолжуваат да носат маски. Децата не се свесни колку кислород губат. Значи, оние работи кои треба да ги исфрлат преку белите дробови, ги задржуваат во маската и повторно ги вдишуваат. Затоа имаме сѐ поголем број на пневмонии, бактериски инфекции“, додава тој.

Искуството на професорите вели дека е многу тешко да се држи настава со помош на маски.

„Да се седи шест-седум часа со маска, тоа е претешко. Прво, физички не можеш да дишеш, второ психички со самото тоа што ја имаш, а трето кога предаваш, не се слушаш, па викаме ние, викаат децата“, вели професорката Соња Столеска.

Столеска додава дека засега најдобро за јавното здравје е оваа мерка да остане на сила.

„Младите можат и да добијат, лесно тоа би го поминале, како што ги слушаме стручните лица, но заради заштита и на тие со кои живеат и наша заштита е подобро вака да биде засега“, додава таа.

Педијатрите сметаат дека носењето на маски психолошки влијае кај сите, а особено кај младата популација.

„Мислам дека на долга стаза ќе имаме доста проблеми. Десоцијализирани се и возрасните а, особено помладите. Ќе имаме многу психијатриски проблеми, покрај органските“, вели педијатарот Др. Никола Филев.

„Но, друг избор засега немаме“, додава Филев.

„Ние дишеме повеќе кислород. Тоа што го исфрламе, го вовлекуваме внатре. Ние го дишеме и децата го дишат. И, психолошки и физиолошки сигурно дека пречи, меѓутоа немаме друг начин како да се заштитиме. Колку толку маската е еден баланс, кој прави рамнотежа да не дојде до инакулација на вирусот во човечкото тело“, додава тој.

Инаку, Велика Британија веќе најави дека нема да мора да се носат маски во училиштата, продавниците и јавниот превоз.

XS
SM
MD
LG