Линкови за пристапност

Фајзер започна тестирање на вакцина против омикрон


Американскиот фармацевтски гигант Фајзер и неговиот германски партнер Бионтек во вторникот објавија дека започнале клиничко тестирање на нова верзија на нивната вакцина против ковид-19 специјално дизајнирана за заштита од варијантата омикрон.

Компаниите во заедничка изјава рекоа дека ќе ја тестираат новата вакцина како примарна и како бустер доза кај повеќе од 1.400 здрави возрасни доброволци на возраст меѓу 18 и 55 години.

Истражувачите ќе ги поделат волонтерите во три групи. Првата група, која ги прими почетните две дози од сегашната вакцина, ќе добие една или две дози од новата вакцина. Втората група волонтери, кои ги примиле првите две дози плус бустер од оригиналот, ќе добијат една доза или од сегашната верзија или од ревидираната верзија, додека третата група ќе биде составена од невакцинирани возрасни лица кои ќе бидат инокулирани со три дози на новата вакцина.

Клиничкото испитување на вакцината специфична за омикрон на Фајзер доаѓа во време на објавувањето на новата студија која сугерира дека антителата произведени од трета доза од оригиналната вакцина сè уште обезбедуваат цврста заштита четири месеци по последното земање. Наодите, дел од лабораториска студија спроведена од научници од Медицинската филијала на Универзитетот во Тексас во соработка со научниците од Фајзер и Бионтек, беа објавени на интернет во саботата и не се рецензирани или објавени во формално научно списание.

Во поврзаното прашање, американската Администрација за храна и лекови во понеделникот објави дека ја запира употребата на два третмани за антитела на коронавирус поради нивната неефикасност против омикрон. Федералната агенција за регулирање на лекови соопшти дека го ограничува овластувањето за итна употреба доделена во врска со третманите развиени од производителите на лекови Регенерон и Ели Лили.

Одлуката да се повлечат двата третмани им остава на лекарите и болниците во САД само еден третман со антитела развиен од американскиот производител на лекови GlaxoSmithKline и неговиот партнер, Vir Biotechnology, заедно со антивирусни апчиња развиени од Фајзер и американскиот фармацевтски гигант Мерк - од кои сите се дефицитарни низ целата нација и многу е тешко да се најдат.

Во меѓувреме, научниците ширум светот будно внимаваат на новата верзија омикрон, која сега е откриена во повеќе од 40 земји.

Некои информации за овој извештај се од агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG