Линкови за пристапност

За една недела коронавирусот однесе 97 животи


Големо зголемување на бројката на заболени кај децата до 9 години. Рекорден број на реинфекции. Просекот на позитивни е исклучително висок, 29,1 отсто. Болниците повторно се полнат, најголем дел од хопитализираните на кислородна поддршка


СКОПЈЕ – Четвртиот бран на пандемијата на коронавирус во Северна Македонија со доминантниот сој „Омикрон“ полека го достигнува својот пик, покажуваат официјалните бројки на твените власти. Во периодот од 17 до 23 јануари регистрирани се вкупно 11.610 заболени во сите градови низ државата, а споредено со неделата претходно кога имаше 11.115 заболени бропјката е зголемена за 4,5 отсто.

Најголем број од новозаболените повторно се во Скопје – 6.045 случаи а највисока инциденца повторно има во Крушево 1.128 заболени на 100 илјади жители.

Она што загрижува е што има големо зголемување на бројката на заболени кај деца до 9 години. Минатата недела регистрирани се 267 случаи кај оваа возрасна категорија.

„Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30 до 39 години со 2.711 случај или 23,4 отсто и од 40 до 49 години со 2.424 случаи или 20,9 отсто. Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9 отсто и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1 отсто во однос на претходната недела. Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10 до 19 години и од 20 до 29 години“, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

За само седум дена 1.559 лица кои веќе една го имаат прележано вирусот повторно заболелел што е за 25 отсто повеќе споредено со недлата претходно. Досега вкупно 4.924 лица се заразиле по втор пат а регистрирани се и 13 случаи на граѓани кои по трет пат заболеле од Ковид – 19.

Минатата недела годинава рекордни 97 пациенти починаа како последица на компликации предизвикани од коронавирусот. Досега се регистрирани 8.240 жртви на Ковид – 19.

„Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број (н=85; 87,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (8), 40-49 години (2) и 30-39 години (2)“, информираат од ИЈЗ.

Во последните недела дена направени се 39.289 тестирања а просекот на позитивни е исклучително висок, 29,1 отсто.

Иако „Омикрон“ сојот, кој е доминантен во државата, предизвикува полесна клиничка слика и поблаги симптоми, болниците повторно се полнат. За само една недела, во Ковид центрите и на инфективните одделенија во Скопје и внатрешноста зафатени се нови стотина кревети.

„ Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 550 лица (25,3% повеќе во споредба со претходна недела), а од нив 341 се на кислородна поддршка (34,3% повеќе во споредба со претходна недела) и 27 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (идентично во споредба со претходна недела)“, соопштија од ИЈЗ.

Во моментов како активни се водат 20.002 случаи а најголемо жариште е Скопје каде официјлано има 11.012 заболени.

Досега 864.759 граѓани се вакцинирани со барем една доза на вакцина против Ковид - 19 во државата и странство а комплетно вакцинирани, со две дози, се вкупно 841.143 лица или 41,8 отсто од вкупното населени.
Досега трета или т.н. „бустер“ доза ја примиле 122.752 граѓани.

XS
SM
MD
LG