Линкови за пристапност

ВМРО – ДПМНЕ побара укинување на т.н. „пржинска влада“


Опозицијата побара законските измени да се носат по скратена постапка и уште еднаш побара предвремени избори. Со укинување на „пржинската влада“ е отвара пат кон брзи предвремени избори. Владеачката коалиција смета дека е потребен консензус на четирите најголеми политички партии

СКОПЈЕ – Укинување на техничката Влада или т.н. „пржинска влада“ поради нефункционалност и носење на измените во Изборниот законик по скратена постапка и итно распишување на предвремени избори. Ова се барањата на опозициската ВМРО – ДПМНЕ која денеска до Собранието ги достави предлог измените на Изборниот законик кои бараат да се стават пред пратениците на седница во среда. Со евентуалното укинување на техничката влада се скратуваат роковите за евентуалните предвремени избори бидејќи 100 дена „пржинска влада“ повеќе нема да има.

ВМРО - ДПМНЕ се повика на договорот од последната лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски кои се согласија да се укине техничката Влада.Опозициската партија не ги условува измените со предвремени парламенатрни избори, но сепак смета дека тие треба да се распишат.

„Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада. Јас очекувам да биде прифатен затоа што гледаме дека начинот на функционирање, односно „пржинската влада“ не функционираше, ниту на минатите парламентарни избори кога на политички договор, предлог на министри за таа влада имаше измена на еден министер. Дополнително државата се наоѓа во толку лоша катастрофална состојба што одржување на парламентарни избори со 100 дена влада е неодржливо и незамисливо. Замислете во држава во која што во моментот имаме четири вонредни ситуации, односно кризни состојби прогласени од страна на државата во ситуација, ние да преговараме и да договараме „пржинска влада“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски.

СДСМ и ДУИ на став дека техничката влада може да се укине но за да се случи тоа е потребен консензус, заедно да ги достават закнските измени во Собранието и истовремено ја исклучуваат можноста од распишување на предвремени избори.

„Во врска со тоа што го наметнува ВМРО-ДПМНЕ како прашање и како теза спориме две работи. Првата е начинот на којшто е доставен овој предлог а тоа значи дека и според договорот пржински значи дека измените на Законот за влада треба да биде консензус помеѓу четирите најголеми политички партии во Собранието а не на ваков начин со еднострано изразена волја на една партија. И второ, тајмингот на поднесување на овој закон кога сите знаеме дека предвремени парламентарни избори нема да има, има редовни избори во 2024 година и фактички има време четирите најголеми политички партии да дискутираат и да имаат консензус во врска со техничката Влада“, изјави Јован МИтрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Од ДУИ соопштија дека имаат договор со СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ за укинување на техничката Влада но нагласуваат дека е потребен меѓуетнички и меѓупартиски консензус и исклучуваат предвремени парламентарни избори.

„Иако има договор за укинување на пржинската влада, техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја членка на НАТО и земја аспирант за да почне и официјално преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање доверба кај институциите. Така што остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон . Имаме време пред нас, за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за владата“, рече Арбр Адеми од ДУИ.

За укинување на „пржинската влада“ е и БЕСА.

„ Го потврдуваме нашиот став дека на државата и се потребни стабилни институции, политичка стабилност и конкретни чекори за економско закрепнување. За да се обезбеди тоа, повеќе од неопходно е земјата да оди на предвремени избори, затоа укинувањето на процедурите за техничка влада е чекор за забрзување на излезот на земјата од кризата што ја зафати и преку одржување на предвремени избори што е можно поскоро како единствено решение кое ќе донесе политички промени и ново мнозинство, стабилно и со јасна визија за иднината на државата, што оваа власт и мнозинството СДСМ-ДУИ немаат капацитет да го обезбедат“, стои во партиското соопштение.

Техничката влада произлезе од Пржинскиот договор и беше воведена во 2016 година и поради нефункционирањето на институциите и политичката криза во државата.

XS
SM
MD
LG