Линкови за пристапност

Конгресот ќе донесе резолуција за славење на македонската култура во САД


Конгресот на САД се очекува да донесе резолуција со која ќе го прогласи септември годинава како месец на македонското американско наследство, објави Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон (ОМД). Целта на резолуцијата е да ги слави македонскиот јазик, култура и историја на македонските Американци и нивниот придонес за Америка.

Коспонзори на резолуцијата се конгресмените Брендан Бојл (Демократ-Пенсилванија), Деби Дингел (Демократка-Мичиген), Лиза Меклејн (Републиканка- Мичиген) и Клаудија Тени (Републиканка-Њујорк), кои се копретседавачи на конгресната група за Македонија и македонските Американци.

Конгресната резолуција број 741 моментално е под Комитетот за надзор и реформи на Претставничкиот Дом на САД.

„Конгресната резолуција број 741 ги слави значајните бројни придонеси на македонските Американци повеќе од еден век и го препознава нашето заедничко и богато македонско наследство, кое не’ поврзува како заедница. Поминавме долг пат како Македонци и горди сме на нашето колективно достигнување,“ рече претседателот на ОМД Методија А. Колоски.

XS
SM
MD
LG