Претседателот на САД Џо Бајден ја опиша неговата прва година на функција како „година на предизвици, но и на огромен прогрес“ за време на вчерашната долга прес-конференција во Белата куќа.
Тој зборуваше за неговите успеси, вклучувајќи го пакетот помош за олеснување на последиците од пандемијата вреден 1,9 трилиони долари и планот за обнова на инфраструктурата во државата од 1 трилион долари.
Бајден, исто така, го истакна зголемениот број на Американци кои се вакцинирале против ковид-19, а додаде и дека во голема мера опаднал бројот на неварботени.
Сепак, пакетот за социјална заштита од 1,8 трилиони долари и за климатските промени заглави во Сенатот поради опозиција на сенаторот Џо Менчин, кој го држи клучниот глас во подеднакво поделениот Сенат.
Претседателот беше прашан дали ваквите препреки покажуваат оти им ветил премногу на американските граѓани.
„Јас не ветив премногу, но, мислам дека ако погледнете што можевме да направиме, мора да признаете дека направивме огромен напредок. Една работа што досега не успеав да ја направам е да ги вклучам моите републикански пријатели во играта да ги подобриме работите за оваа држава“, рече Бајден.
Бајден рече дека планот за изградба можеби ќе треба да биде поделен на помали делови, и призна оти неговата администрација требала да биде поагресивна во подобрување на капацитетот за тестирање за ковид-19 пред моменталниот бран на зарази со омикрон.