Линкови за пристапност

Распустот продолжува, второто полугодие почнува од 1 февруари


Комисијата за заразни болести не сакаше да пресече па тоа го стори Главниот кризен штаб кој и препорача на Владата второто полугодие да почне подоцна за да заврши пикот на епидемијата и да се намалат ризиците

СКОПЈЕ - Учениците се враќаат во училишните клупи на 1 февруари. Владата, на втората седнива која заврши предмалку, одлука со која го одложи стартот на второто полугодие во учебната година за основците и средношколците. Учебната година ќе заврши на 10 јуни а наставните планови ќе се адаптираат за да се надополнат изгубените денови.

„Стартот на второто полугодие за основното и средното образование се одлага за 1 февруари. Оваа одлука ја донесовме на денешната втора седница на Владата во интерес на заштита на здравјето, согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата. Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни, со соодветна адаптација на наставните планови”, соопшти премиерот Димитар Ковачевски преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

Во периодот до 1 февруари се апелира родителите и учениците максимално да внимаваат и да не се изложуваат на непотребен ризик.

„Како дел од одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година се и задолженијата и укажувањата за Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата на Република Северна Македонија, Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено. “, соопштија од Владата.

Одлуката доаѓа по препорака на Главниот кризен штаб (ГКШ) кој имаше состанок вечерва и на кој беше донесен заклучок дека во моментов е пикот на епидемијата со над 1.500 нови случаи како дневен просек и затоа мора да се одложи стартот на второто полугодие. Седницата на ГКШ ја водеше премиерот Ковачевски а присуствуваа и претседателот на Комисијата за заразни болести др Жарко Караџовски и претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

„Главниот кризен координативен штаб врз основа на дискусијата донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот. Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба“, соопштија по состанокот на штабот.

Интересно е што утрово состанок имаше Комисијата за заразни болести која не одлучи да препорача до Владата второто полугодие да почне на 1 февруари иако за само десет дена се регистрирани речиси 12 илјади нови случаи а „Омикрон“ варијантата на Ковид-19 стана доминантна во државата.

XS
SM
MD
LG