Линкови за пристапност

Стопанската комора ја оспори „недела - неработен ден“ пред Уставен суд


Стопанската комора ги оспорила пред Уставен суд законските одредби со кои неделата беше прогласена за неработен ден. Како што соопштија од Уставен, Стопанската комора ги оспорила измените и дополнувањата во Законот за работни односи како спротивни на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните.

Според тие измени повеќе од 90 отсто од работно ангажираното население во државата доби законска можност за користењето на неделата како ден за одмор.

Од Комората поднеле преставка и за измените во Законот за трговија.

„Се оспоруваат одредби кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото, владеењето на правото и начелото на еднаквост од Уставот“, се вели во известувањето од Уставниот суд.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во неодамнешното интервју за Гласот на Америка, ги истакна своите ставови дека не се согласува со прогласувањето на денот недела за неработен ден.

Branko Azeski
Branko Azeski

„Кај нас секогаш беше негативен ставот. Иако владата се обиде со маневар да изземе одредени категории. Ние сметаме дека тоа е пазарна категорија и треба да се однесуваме така кон сите пазарни категории. Не може сега, во Охрид, чаршијата да не работи во недела. Туристи во зима не доаѓаат во Охрид во вторник, туку во недела“, истакна Азески кој додаде оти е убеден дека „наскоро ќе се види дека (одлуката за неработна недела) нема ефекти“.

Законските измени со кои неделата беше прогласена за неработен ден стапија на сила на 1 јануари годинава.

За дејностите што се исклучоци од Законот, постојат одредби со кои на работниците што ќе бидат ангажирани во недела, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, да имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ.

XS
SM
MD
LG