Линкови за пристапност

Казахстан се смири, животот се враќа во нормала, вели македонскиот диџеј Станојковски, кој 13 години живее таму


Казахстан по немирите - разговор со македонскиот диџеј од Алмати
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:19 0:00

Казахстан по немирите - разговор со македонскиот диџеј од Алмати

Бранко Станојковски од Куманово веќе 13 години живее во Казахстан, во градот Алмати, најголемиот град во оваа некогашна руска република, но, и најголем комерцијален центар на Казахстан. Таму до пред само десеттина дена имаше немири поради незадоволстото на граѓаните од зголемувањето на цената на горивата и гасот. Станојковски, кој работи како музичар, за Гласот на Америка, зборува за немирите, но, и за секојдневниот живот таму.

Глас на Америка: Живеете во Казахстан од 2009 година. Што ве натера да се преселите во градот Алмати?

Бранко Станојковски: Прво дојдов кај татко ми на гости, бидејќи тој овде работеше од 1993 година, заедно со дедо ми. Тие се занимаваат претежно со градежништво. Кога дојдов на се запознав и со сопругата Анали. Имаме и дете. Се вика Амелија. Главната причина е семејството, а потоа и сите убавини кои ги дава Алмати и Казахстан.

Глас на Америкa: Каква е моменталната ситуација во Алмати? Што се случува после немирите? Кои рестриктивни мерки се на сила?

Бранко Станојковски: Состојбата е мирна и стабилна. Се` почнува да работи како претходно. Единствено што останува засега е полицискиот час, кој е воведен од 23 часот навечер до седум часот наутро. Пет дена бевме одвоени поради интернет од целиот свет и мислам дека тоа беше една од правите мерки, кои ги презеде управителството на Казахстан, бидејќи се ширеа дезинформации. Мислам дека тоа беше сосема во ред. Но, секако беше тешко, бидејќи не можевме да им соопштиме на сите роднини и пријатели што се случува. Но, за среќа можевме да се јавуваме преку меѓународна врска и така им соопштив на моите дома дека се` е во ред.

Глас на Америка: Дали причината за сето ова е порастот на цената на нафтата и гасот или пак нешто друго е во прашање?

Бранко Станојковски: Јас бев во кино. Кога излегов ми рекоа дека има митинг во градот и дека многу луѓе се дојдени. Бев зачуден оти јас воопшто не гледам телевизија и не пратам политика. Претежно се занимавам со музика и сега засега сум во барната индустрија. Главната причина беше зголемувањето на цената на гасот. И првиот бунт, колку што јас знам беше во град во Западен Казахстан.

Глас на Америка: Каков е Алмати сега, неколку дена по немирите. Се чувсвствува ли се` уште страв и небезбедност?

Бранко Станојковски: Сега се чувствувам безбеден. Првите денови беа застрашувачки. Мислам дека секој човек, кој има чувства би се плашел во такви случаи и тоа е својствено за еден човек. Сега засега е под потполна контрола и мислам дека претседателот на државата презеде неколку стриктни мерки, со кои што очигледно беше заштитено општеството од тие напади во понатамошен случај.

Глас на Америка: Каков е животот таму? Вие сте музичар, имате и ваш угостителски објект. Може ли добро и слободно да се живее?

Бранко Станојковски: Казахстан во последно време стана многу популарен, особено во поранешните земји на Советскиот сојуз. Што се однесува до музичката сцена и до шоу бизнисот и телевизијата, Казахстан имаше голем подем. Сите зборуваа во последно време, бидејќи интелегенцијата која сега расте во Казахстан е многу силна и тоа само не радува. Казахстан е поделен на многу богати и многу сиромашни. Тие што се богати ги испраќаат децата во Америка и во Европа. И оттаму имаме некои нови влијанија, кои придонесуваат за подем на шоу бизнисот.

Глас на Америка: Се чувствува ли влијанието од светот и од Русија?

Бранко Станојковски: Влијанието на Западот се чувствува повеќе кај помладите. Влијанието на Русија овде е присутно и во никој случај не може да се затворат очите на такво нешто, бидејќи тоа трае повеќе од 50 години. Иако Казахстан е независна држава триесеттина години, руското влијание тука го има. Доволно е тоа што во главните градови зборуваат претежно на руски јазик.

Глас на Америка: На што во моментот работите во Алмати?

Бранко Станојковски: Јас во овој момент имам неколку музички проекти. Порано работев како пејач во група. Тоа е кавер група „Јоркерс“. Но сето тоа траеше до појавувањето на ковид-19. Некако сфатив дека за мене повеќе во таа насока нема добра иднина. Затоа повеќе почнав да се занимавам со барната индустрија. И музицирањето сега ми е сведено како диџеј. Настапувам како диџеј. Со мене настапува уште еден мултиинструменталист. Правиме интересен проект, кој е многу популарен во Казахстан. Со сопругата Анали отворивме бар или паб, кој е малку поврзан со уметноста. Го кристивме Кумано.

Глас на Америка: Каков е стандардот за обичниот граѓанин во Казахстан? Може ли добро да се живее?

Бранко Станојковски: Стандардот е низок за оние што немаат добра работа. За некои е добар.

XS
SM
MD
LG