По официјалното примопредавање на функцијата во премиерскиот кабинет и заминувањето на Зоран Заев, првата средба во првиот работен ден на новиот шеф на владата, Димитар Ковачевски, беше состанокот со германската министерка за Европа. Ана Лирман, која и самата е нова на позицијата зашто и Германија во декември доби нова влада, во Скопје пренесе две пораки поврзани со евроинтеграциите на земјава блокирани поради ветото од Софија. Првата беше дека пристапните преговори треба да почнат, втората – дека билатералните прашања не треба да се дел од европскиот процес.
„Европската Унија во однос на Северна Македонија стои на својот збор. Сите предуслови за почеток на пристапните преговори се исполнети и пристапните преговори на ЕУ со вашата земја и со Албанија треба да почнат. Германија и понатаму активно за тоа ќе се залага. За нас и понатаму е важно – билатералните прашања мора да бидат билатерално решени и тоа независно од пристапниот процес со ЕУ. Во овој контекст, се радувам да кажам дека Северна Македонија и Бугарија активно работат на решение на блокадата“, вели Ана Лирман, министерка на Германија за Европа.
Во нејзините одговори таа не спомена каква било временска рамка за постигнување договор со Бугарија. И новиот вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, не смета дека таквиот пристап е полезен.
„Не мислам дека е корисно, ниту за граѓаните, ниту за процесот да се спомнуваат временски рамки затоа што тоа досега не ни донесе успех. Но, исто така, тоа не значи дека треба и да нема некоја динамика на функционирање на работите. Мислам дека утрешната посета ќе биде добра за воспоставување на динамиката во која ќе се формираат и функционираат и работните групи и двете влади на изнаоѓање решенија за отворените прашања“, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Германската министерка за себе вели дека е оптимист и дека се надева на брз пробив во разговорите меѓу Скопје и Софија.
Посетата на Лирман на само еден ден пред доаѓањето на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој утре е на разговори со Ковачевски, се толкува како јасен сигнал дека Германија, една од највлијателните земји членки на Унијата, сака што е можно поскоро да види разрешница на отворените прашања меѓу двете земји кои го кочат напредокот во ЕУ интеграциите во регионот.