Линкови за пристапност

Прва средба Ковачевски – Брнз: Нагласена потребата од деблокирање на евроинтеграцискиот процес


Амбасадорката Брнз, соопштуваат од Владата, потенцирала дека за САД од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ

Да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнување на проекти и инвестиции кои ќе овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Северна Македонија, било нагласено во дел од разговорите на првата средба меѓу новиот македонски премиер Димитар Ковачевски и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.

„Амбасадорката му честиташе на Ковачевски за неговото назначување за премиер и истакна дека со задоволство очекува да продолжи со соработка со новиот владин тим“, соопштија од Амбасадата на САД.

Од Владиниот кабинет, пак, истакнаа дека покрај потребата од поголема економска и енергетска соработка, било истакнато и дека Северна Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес за Вашингтон.

„Во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ“, се вели во соопштението од Владата.

Ковачевски, како што се вели во соопштението, нагласил дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков и на членовите на неговата Влада за 18 јануари, е добра порака која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Амбасадорката Брнз, соопштуваат од Владата, потенцирала дека за САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.

XS
SM
MD
LG