Вашингтон, (АФП) - Милиони Американци беа погодени од голема зимска бура која го погоди источниот дел на Соединетите држави со обилни врнежи од снег и мраз додека околу 130.000 домаќинства останаа без електрична енергија од почетокот на понеделникот.
Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека бурата донела комбинација од обилен снег, замрзнат дожд и силни ветрови, кои ги зафатиле југоисточниот и крајбрежниот среден Атлантик пред да се насочи во Нова Англија и јужна Канада.
Невремето предизвика торнада на Флорида и поплави во крајбрежните области, додека останатите делови беа погодени од мраз и силни ветрови кои предизвикаа загриженост.
Транспортот беше сериозно нарушен, илјадници летови беа откажани, а дел од прометните меѓудржавни автопати беа затворени.
Повеќе од 3.000 летови од САД беа откажани во неделата.
Меѓународниот аеродром Шарлот Даглас во Северна Каролина е најпогоден со приземјување на 95 отсто од неговите летови. Уште 1.200 летови беа откажани рано во понеделникот.
Сојузните држави Џорџија, Вирџинија и Северна Каролина прогласија вонредна состојба.
Државната полиција на Вирџинија објави на Твитер дека одговорила на речиси 1.000 сообраќајни незгоди во неделата. „Најмногу има направена штета на возилата. Нема пријавени смртни случаи“, соопштија од полицијата.
Се очекува бурата да предизвика некои крајбрежни поплави, а од Националната метеоролошка служба предупредија дека ветровите би можеле да имаат јачина како силата на урагани на брегот на Атлантикот.
Североисточниот дел на САД веќе доживеа еден снежен хаос на почетокот на овој месец кога снежна бура го прекри североисточниот дел, стотици возачи останаа заглавени повеќе од 24 часа на главниот автопат што се поврзува со главниот град Вашингтон.