Линкови за пристапност

Мандатарот Ковачевски ги соопшти имињата на министрите од СДСМ


Битиќи, Спасовски и Бочварски остануваат на своите позиции, Маричиќ седнува во фотељата на Димитров а правда ќе ја води универзитетскиот професор Никола Тупанчевски. Ковачевски утре во Собранието ќе го достави предлог составот на новата Влада и програмата

СКОПЈЕ - Претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски вечерва пред највисоките партиски тела ги соопшти имињата на кандидатите од неговата партија кои ќе бидат членови на Владата. Извршниот и Централниот одбор на СДСМ ги прифатија едногласно.

Како што кажа тој, во обраќањето пред јавноста,станува збор за докажани кадри со искуство во секторите кои ќе ги водат.

„Во однос на кадровските решенија во новата Влада, сметам дека се луѓе кои имаат професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина. Станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација во своите ресори“, рече Ковачевски.

Во новиот состав има неколку ротации, четворица министри ги задржуваат своите позиции а најголемо изненадување е предлогот за министер за правда - универзитетскиот професор Никола Тупанчевски, кој воедно е непратиски кадар.

Новите имиња се: Славјанка Петровска - министер за одбрана, Славица Грковска - Вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, Јована Тренчевска - министерство за труд и социјална политика, Бисера Костадиновска - Стојчевска - минисрство за култура.

Бојан Маричиќ ротира од министерството за правда на местото на Никола Димитров - Вицепремиер за европски прашања, а досегашниот вицепремиер за борба против корупција Љупчо Николовски се враќа во министерството за земјоделство.

Оливер Спасовски останува во МВР, Фатмир Битиќи продолжува како вицепремиер за економски прашања, Благој Бочварски во транспорт и врски и Горан Милевски во локална самоуправа.

Како приоритети на Владата, Ковачевски наведе дека ќе бидат справувањето со енергетската криза а за таа цел ќе бидат преземени низа мерки за енергетска стабилност, забвршување на Коридорите 8 и 10 и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот.

Ковачевски додаде дека нема да има покачување на даноците бидејќи граѓаните очекуваат стабилност во наредниот период.

Во ДУИ нема да има промени, сите ги задржуваат досегашните функции, освен што го отстапуваат информатичко општество во замена за министерството за образование.

Артан Груби е први вицепрмеиер, Крешник Бектеши останува во економија, Бујар Османи продолжува како шеф на дипломатија, Фатмир Бесими ќе ги води финасии, Насер Нуредени во министерството за екологија а Јетон Шаќири во образование

Новата Влада ќе добие и нов партнер, Алтернатива, со три министерски места. Стоматологот Беким Сали ќе го наследи Филипче во здравство, Адмирим Алити ќе биде нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде без ресор задолжен за дијаспората.

Мандатарот Ковачевски утре ќе го достави предлог составот на новиот Кабинет до Собранието а очекувањата се дека спикерот Џафери ќе ја закаже седницата на која пратениците ќе гласаат за новиот сосатв на Владата на 15 јануари и со оглед на моменталната поставеност и мнозинство во Парламентот Владата ќе биде избрана најдоцна до недела.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG