СКОПЈЕ - Четирицифрена бројка на новозаболени од Ковид - 19во последните 24 часа повторно регистрираа задравствените власти. Вкупно 1.171 нов случај е внесен во системот а најголем број од нив се од Скопје. За само четири дена здарвствените власти потврдија 5.468 новозаболени а бројката на активни случаи ја достигна границата од 10 илјади.
Во вторникот беа регистрирани 1.197 новозаболени, во средата 1.375 а вчера рекордни од почетокот на епидемијата 1.725 новозаболени.
Во последното деноноќие регисгтрирани се и 10 починати пациенти со што бројката на лица кои починале како последица на компликации предизвикани од коронавирусот е 8.012.
Во моментов како активни се водат 9.166 случаи а повеќе од половината - 5.122 се во Скопје - најголемото жариште на вирусот во државата. Потоа следува Битола каде што во последното деноноќие има 134 нови случаи со што бројката на заболени се искачи на 777 пациенти. Брзо ширење на вирусот и високи бројки на заболени во последните три дена има и во Прилеп каде сега има 530 активни случаи и во Охрид каде во моментов се 373 активни случаи.
Она што сега е јасно е дека „Омикрон“ сојот на вирусот почнал да се шири низ државата многу порано пред да биде детектиран кон крајот на декември мнатата година. За тоа сведочат бројките кои покажуваат дека оваа верзија на коронавирусот веќе е доминантна меѓу новите регистрирани случаи. Речиси 60 отсто од секвенционираните позитивни примероци на ПЦР тестовите се токму од сојот „Омикрон“. Зошто секвенционирањето се одвиваше бавно и на исклучително мал број тестови одговор од надлежните нема.
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека во лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје се направени анализи за детекција на сојот Омикрон на вирусот САРС КоВ2. Од изработени 56 примероци позитивни на САРС КоВ2, 33 се позитивни на Омикрон варијантата на вирусот, што изнесува 59% од позитивните примероци. Оваа варијанта е детектирана кај 16 пациенти од Скопје, 10 од Охрид, 4 од Тетово, 2 од Кавадарци и 1 од Кочани. Кај тројца пациенти од Скопје истовремено е детектирана комбинација од двата вируса Инфлуенца А и САРС КоВ 2 “, стои во соопштението од министерството за здравство.
За доктор Харис Бабачиќ магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот „Каролинска“ во Стокхолм - Шведска, „Омикрон“ сојот во моментов има рекордна преносливост која ќе расте и понатаму.
„Имаме рекордно-висок репродуктивен број на САРС-ЦоВ-2 кој веројатно се должи на омикрон варијантата и собирите во големи групи во изминатиов период. Омикрон варијантата станува доминантна во Македонија, врз основа на прелиминарни лабораториски извештаи. Треба многу сериозно да се земе бидејќи со себе носи голем ризик за инфекција, поради поголема заразност и способност да го избегне постоечкиот имун одговор“, напиша др Бабачиќ на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Тој смета дека се целосно погрешни информациите според кои ова е полесна форма на Ковид - 19 со мал ризик од хоспотализација и смрт. Според Бабачиќ, поголем број на инфекции може да доведе до голем број на хоспитализции кои ќе го оптеретат здравствениот систем а ризикот кај граѓаните кои не се вакцинирале останува висок.
Комисијата за заразни болести најави дека ќе има состанок во понеделник на кој ќе се дискутира за воведување на нови рестриктивни мерки и евентуалното намелување на бројот на денови во изолација на аспимтоматските случаи, од 10 на 7, за да не крахира приватниот сектор но и државната администрација во случај на рапиден раст на зболени, можност која веќе не се исклучува.
Facebook Forum