Линкови за пристапност

Бајден: Дали ќе бидеме нација која го прифаќа политичкото насилство како норма?


Бајден се обрати по повод годишнината од немилите настани на 6-ти јануари минатата година со прашањето: „Дали ќе бидеме нација каде што ќе им дозволиме на партиските изборни функционери да ја поништат легално изразената волја на народот?

Американскиот претседател Џо Бајден, придружуван од потпретседателката Камала Харис, упати категоричен апел до Американците и ги бранеше вредностите на демократијата на првата годишнина од немирите во Конгресот, за кој Бајден рече дека тоа било тест за нацијата.

„Дали ќе бидеме нација која го прифаќа политичкото насилство како норма? – праша Бајден. „Дали ќе бидеме нација каде што ќе им дозволиме на партиските изборни функционери да ја поништат легално изразената волја на народот?

За време на насилните немири во Капитол на 6-ти јануари 2021-ва година, толпа луѓе ја совлада полицијата, ги проби вратите на Конгресот и се обиде да ги спречи пратениците да ја официјализираат победата на Бајден на претседателските избори во 2020-та година. Бајден ги повика Американците да изберат како ќе се дефинираат себеси.

„Дали ќе бидеме нација која не живее во светлината на вистината, туку во сенката на лагите? Не можеме да си дозволиме да бидеме таков народ. Патот напред е да се препознае вистината и да се живее според неа“, рече тој.

„Од Кина, до Русија и пошироко, тие веруваат сега дека деновите на демократијата се избројани“, рече тој. „Тие всушност ми рекоа, демократијата е премногу бавна, премногу заглавена во поделби, за да успее во денешниот брзо менувачки, комплициран свет. Тие веруваат дека Америка ќе стане повеќе како нив, а помалку како нас и дека Америка е место за автократ, диктатор, моќниот човек. Не верувам во тоа. Тоа не сме ние. Тоа не е она што некогаш сме биле. И, тоа не е она што треба да бидеме некогаш“.

Претседателот Бајден никогаш не го спомна поранешниот претседател Доналд Трамп по име, иако тој постојано потенцираше дека неуспешната потрага на Трамп да ја поништи неговата изборна загуба ѝ штети на американската демократија. „Не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите“, рече тој.

Набргу по говорот на Бајден, Трамп објави изјава во која го обвини Бајден дека се обидува да ја подели земјата со своите забелешки.

„Бајден, кој ја уништува нашата нација со налудничави политики на отворени граници, корумпирани избори, катастрофални енергетски политики, неуставни мандати и затворања на училишта, денес го искористи моето име за да се обиде дополнително да ја подели Америка“, напиша Трамп. „Овој политички театар е сето тоа само го одвлекува вниманието на фактот дека Бајден целосно потфрли“.

Потпретседателката Харис, говорејќи пред Бајден, ја искористи нејзината платформа за да се заложи на законодавство за правата на глас. Во изминатата година, Трамп се потпираше на законодавците да усвојат закон за кој некои критичари велат дека ги ограничува гласачките права.

„Американскиот дух се тестира“, рече таа. „Овде во оваа зграда ќе се донесе одлука дали го поддржуваме правото на глас и дали ќе обезбедиме слободни и фер избори. Да бидеме јасни: мораме да ги усвоиме законите за гласачките права кои сега се пред Сенатот и американскиот народ исто така мора да направи нешто повеќе“.

Нападот на Капитол доведе до најмалку пет смртни случаи и повеќе од 130 повредени, а повеќе од 725 учесници беа обвинети за злосторства. Демонстрантите лојални на Трамп се согласија со тврдењето на поранешниот претседател дека претседателските избори во ноември 2020-та година биле нарушени со измама, иако нема докази за тоа. Една година подоцна, анкетите на јавното мислење покажаа дека околу 70 отсто од републиканците не ја сметаат изборната победа на Бајден за легитимна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG