БРИСЕЛ, Ројтерс - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, закажа специјален состанок на сојузничките амбасадори и највисоките руски претставници за следната недела, бидејќи двете страни бараат дијалог за да се спречи отворен конфликт околу Украина, изјави денес претставник на НАТО.
Состанокот на Советот, формат кој се користи за дијалог од 2002-ра година, ќе се одржи во Брисел на 12-ти јануари, откако американските и руските претставници ќе одржат разговори околу безбедноста на 10-ти јануари во Женева.
Највисокиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел, денес отпатува за Украина на дводневна посета за да покаже поддршка за Киев, кој се стреми да се приклучи на блокот и НАТО.
Москва сака гаранции дека НАТО ќе го запре ширењето на исток и ќе ја прекине воената соработка со Украина и Грузија, кои имаат територијални спорови со Русија.
Москва, исто така, ги негира тврдењата на САД дека планира инвазија на Украина и го обвинува Киев за градење сопствени сили на истокот на земјата.
„Секој дијалог со Русија ќе мора да се одвива врз основа на реципроцитет, да се одговори на загриженоста на НАТО за активностите на Русија... и да се одвива во консултација со европските партнери на НАТО“, рече претставникот на НАТО.
Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, потврди дека руските претставници ќе присуствуваат на состанокот на НАТО во Брисел.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков и други високи руски претставници се очекува да присуствуваат на преговорите во Брисел, по средбата со заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман во Женева.
На 13-ти јануари разговорите ќе продолжат во поширок формат на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со седиште во Виена, која ги вклучува САД и нивните сојузници во НАТО, како и Русија, Украина и други поранешни советски држави.
Facebook Forum