Линкови за пристапност

Опаѓа бројот на илегални преминувања на македонската граница


Според МВР до крајот на ноември 2021-ва година, спречени биле околу 18.000 обиди за илегално преминување на границите или речиси 10.000 обиди помалку во споредба со истиот период минатата година

Иако балканската транзитна рута е сè уште актуелна и покрај пандемијата со ковид-19, сепак бројот на илегални преминувања годинава бележи нагорен тренд на грчко-турската граница, додека во Северна Македонија обидите за илегални преминувања на границите со соседните земји бележат опаѓaње за 36,5 отсто, велат од Министерството за внатрешни работи за Гласот на Америка.

Според МВР до крајот на ноември 2021-ва година, спречени биле околу 18.000 обиди за илегално преминување на границите или речиси 10.000 обиди помалку во споредба со истиот период минатата година.

„Речиси 90 отсто од нив се откриени на јужната граница. По националност најголем дел од откриените мигранти се од Пакистан, Авганистан, Сирија, Индија и Бангладеш. Како логична последица на тоа е и трендот на намалување за повеќе од 60 отсто на откриените случаи на криумчарење мигранти, а бројот на поднесени нови барања за азил е намален дури за 70 отсто.“, велат од МВР.

Од таму додаваат дека во текот на 2021-ва година поднесени се вкупно 36 кривични пријави за сторени 38 кривични дела „криумчарење мигранти“, против 57 сторители и две дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ против 12 сторители.

Граѓанските активисти пак бележат зголемување на друг тренд, односно пораст на бројот на сообраќајни незгоди, каде жртви се мигрантите.

„Оваа година за жал имаме бројни несреќи во кој мигранти и бегалци го изгубија својот живот. Северна Македонија станува се поопасна земја низ која се движат бегалците. Сето тоа е поради неможноста да користат јавен превоз и да искажат намера за барање на азил. Останува проблематичен третманот на непридружуваните малолетници кои немаат соодветен престој за згрижување. Нема безбедни куќи каде би биле под постојан надзор од државата“,вели Мерсиха Смаиловиќ, од Невладината организација Легис.

„2021-ва година ќе ја запаметиме по големиот број на починати бегалци на територијата на Македонија, кои овде се и погребани. Најчесто своите животи тие ги губат во сообраќајни незгоди, но не е мал бројот и на младите лица од Авганистан и Пакистан кои во обид заедно со криумчарите да ја преминат македонската граница умираат од премореност. Во последниот таков случај станува збор за 20 годишно момче од Авганистан, кое почина во близина на Гевгелија. Во 2021-ва година се случени околу 30 сообраќајни незгоди во кои жртви се овие лица. Но, немаме точна информација за вкупниот број на починати“, вели Ленче Здравкин, граѓанска активистка.

Таа додава дека за разлика од минатите години, сега се бележи нагорен тренд на обиди за преминување на границата во обратен правец, односно од Србија кон Грција преку Северна Македонија.

„Станува збор за лица од африканските држави на кои крајна цел им се грчките плантажи и грчкото приморје, каде заминуваат на работа“, додава Здравкин.

Смаиловиќ пак посочува и на уште еден проблем со кои се соочуваат овие лица. Тоа вели се малиот број на одобрени барања за азил во земјава.

„МВР, секторот за азил и понатаму продолжува со негативниот тренд на одобрени барања за азил. Нема механизам со кој би се извршило соодветно профилирање на ранливи групи помеѓу мигрантската популација. Македонија единствено има функција на спречување на миграциите, но не и соодветно заштита на мигрантите и бегалците. Со оглед на фактот што ваквата состојба е од 2016-та година, не очекувам да се смени состојбата во 2022-ра година. Европската комисија во својот извештај секоја година ги нотира истите недостатоци кај државата по овие прашања, но надлежните не ги земаат во предвид“, вели Смаиловиќ.

Според полицијата заклучно со 31.10.2021-ва година примени се 66 барања за признавање на право на азил. Во наведениот период им било признато правото на азил заради супсидијарна заштита на три лица од кои две од Ирак и едно лице од Авганистан.

Во однос на контролата на границата, од МВР велат дека и понатаму продолжува заедничката операција за засилен надзор на јужната граница со ангажирање на полициски службеници од странство, во која партиципираат полициски службеници од осум земји и тоа: Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Чешка, Полска, Унгарија и Словачка.

„Тие, заедно со припадници на граничната полиција, во заеднички мешани патроли континуирано вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница, чија цел е токму спречување на обидите за илегален влез на мигранти од Република Грција, како и откривање на случаи на криумчарење мигранти“, велат од МВР.

Последно, полицијата пронајде 53 мигранти во камион, од кои 34 лица се од Индија и 19 лица од Куба, а приведен беше и криумчарот. Мигрантите биле сместени во Тразитниот центар „Табановце“, а возачот на камионот бил предаден од страна на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава велат од МВР.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG