До средината на јануари Северна Македонија треба да ја добие новата влада. Такви се проценките на собранискиот спикер кои се темелат на уставните рокови, политичките консултации кои се во тек, како и најавата дека шефот на државата утре ќе му го додели мандатот за состав на владата на новиот лидер на СДСМ. Талат Џафери очекува до 17-ти јануари да заврши целата постапка.
„Откако претседателот ќе му го додели мандатот на Ковачевски, Собранието треба да биде известено и да почнат да течат роковите. Максимумот е 20 дена, но јас не очекувам мандадарот да го искористи до крај овој рок. Сметам дека до 10 или 11 јануари во Собранието би стигнал предлог-составот на новата влада, како и програмата. По консултациите со пратеничките групи, седницата за избор на нова влада би можела да се закаже за 15 јануари, а до крајот на денот на 16 јануари таа и да се избере“, рече претседателот на собрание, Талат Џафери.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кого владејачките социјалдемократи го утврдија за мандатар за состав на владата, калкулира со истите датуми како и Џафери за тоа кога би бил избран владиниот кабинет.
„Јас сум оптимист дека новата влада предводена од СДСМ ќе ја избереме во средината на наредниот месец, до 18-ти јануари. Пред новата влада ги имаме менаџирањето на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Верувам дека можеме сите овие предизвици да ги надминеме со стабилна влада со мандат до 2024-та година“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Комплетирањето на новото раководство на СДСМ со новиот лидер кој се очекува да ја преземе и премиерската позиција, опозицијата го гледа само како продолжување на претходните политики.
„Во СДСМ ништо не се менува. Исти луѓе, исти вредности. Составот на луѓе во раководството на СДСМ, е состав на луѓе кои направиле пакт со заевизмот. А, тоа ништо добро нема да и донесе на Македонија. Пиунот Ковачевски треба да се огради од криминалот на уценетиот Заев и да отвори случаи против Заеви за огромниот рекет“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите избраа нови потпретседатели, нов состав на Извршниот одбор, нов генерален секеретар. Целосната смена на раководството на владејачката партија следеше по повлекувањето на Зоран Заев по големот пораз на локалните избори.
Facebook Forum