Северна Македонија и Соединетите Американски Држави склучија договор со кој се поддржува почитувањето на човековите права во активностите на безбедносните сили. Документот денеска го потпишаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и американската амбасадорка Кејт Брнз.
„Потпишувањето на договорот претставува доказ за взаемната доверба во одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и САД која се одвива во рамки на стратешкото партнерство и НАТО сојузништвото, афирмирајќи ги притоа заштитата и унапредувањето на човековите права како фундаментална вредност во односите меѓу двете земји“, се вели во соопштението на министертвото за одбрана.
Овој договор меѓу Скопје и Вашингтон произлегува од таканаречените „Лејхи закони“ кои предвидуваат забрана за американскиот Стејт Департмент и Пентагон да пружаат воена помош, поддршка, обука и тренинг на единици или поединци на безбедносни сили од други држави за кои има кредибилни обвинувања дека прекршиле човекови права, а притоа не се преземени чекори сторителот или сторителите да бидат гонети низ соодветна права постапка.
Долгогодишниот американски сенатор, Патрик Лејхи, по кого е именуван овој сет закони, во 1997 година го иницирал воведувањето на ваков пакет-мерки кои овозможуваат итно стопирање на американска финансиска помош на одредена држава во случај да се појават докази дека нејзини воени или полициски единици, или нивни припадници, прекршувале човекови права во своето постапување.
На интернет страницата на Стејт департментот детално е опишан овој закон и како тој се спроведува. Всушност станува збор за ветинг – детална проверка на конкретната единица и нејзиниот командант кои се предвидени да добијат поддршка од САД. Проверката се врши во државата на која и припаѓа конкретната безбедносна единица, но и во Вашингтон каде експерти на Стејт департментот ги анализираат и проценуваат информациите колку таа единица или одредени поединци ги почитувале човековите права при извршувањето на своите обврски.
Facebook Forum