Линкови за пристапност

Политичките аналитичари сметаат дека земјава ја очекува турбулентна и драматична политичка година


Политички аналитичари сметаат дека земјава ја очекува турболентна и драматична политичка 2022 година
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:01 0:00

Заминувањето на Зоран Заев од претседателското место во СДСМ како и од премиерската функција во владата, треба да донесе сериозни реформи во владеачкиот СДСМ, коментира новинарот Бранко Ѓероски.

„И се разбира една влада која ќе може посериозно, по одговорно и по реформски да се постави кон проблемите со кои се соочува нашата држава веќе подолго време“, вели тој.

Ѓероски очекува да има и сериозни кадровски освежувања во новата влада, која најверојатно ќе ја предводи Димитар Ковачевски.

„Без освежувања, не само во кадровската политика туку и во политиките на сите планови, СДСМ нема да има голем успех и на следните избори“, додава тој.

Оставката на Заев за аналитичарот Благојче Атанасовски доаѓа во еден клучен и турбулентен период на македонската политичка сцена.

„Од тука па натаму се менуваат контурите на целокупната македонска политичка сцена, бидејќи Зоран Заев во изминатите десеттина години ја одбележа македонската политичка сцена, како лик кој учествуваше во едни клучни историски процеси за Македонија“, вели Атанасовски.

Случувањата во СДСМ доаѓаат во исто време, кога Христијан Мицкоски е реизбран за претседател на ВМРО ДПМНЕ.

„Потврдувањето на Мицкоски на челната позиција значи своевидна рехабилитација и консолидација на ВМРО ДПМНЕ како победничка партија на последните локални избори. Според тоа очекувам да добиеме фер, изедначена и жестока битка за централната власт на наредните парламентарни избори“, вели Ѓероски.

Атанасовски, пак, вели дека земјава ја очекува турбулентна и драматична политичка 2022-ра година.

„Доколку се успее до крајот на редовните парламентарни избори во 2024-та година, да опстои ова владино мнозинство помеѓу СДСМ, ДУИ и Алтернатива, клучен приоритет во внатрешната и надворешната политика би било деблокада на бугарското вето односно некаков анекс на Договорот за добрососедство и пријателство со Софија и отпочнување на толку фамозните преговори со ЕУ“, вели тој.

Ѓероски, пак, смета дека иницијативата на новиот бугарски премиер во пристапот кон земјава е паметна и оти македонската влада треба истата да ја прифати.

„Да го смени преговарачкиот тим кој го исцрпе својот мандат и се покажа како неуспешен. И, со еден нов преговарачки тим, да тргнеме во едни нови разговори на нови теми со нова енергија во Софија. И, со учество и дебата за овие прашања и македонската опозиција и со независните интелектуалци со цел да ги зајакне позициите и да се дојде до нови креативни решенија и да се надминат чуствителните прашања“, вели Ѓероски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG