СКОПЈЕ – „Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата. Со мојата оставка со која ја преземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаваат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот, но исто така и на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја преземаат грижата за својата земја“
Ова е дел од содржината во писмената оставка на премиерот Зоран Заев која предмалку пристигна во Собранието. Не беше лично доставена од Заев и немаше изјави за медиумите.
Во својата оставка Заев напиша дека му е чест што му служел на народот и што ја имал неговата доверба и им се заблагодари на членовите на двата состави на Собранието во неговите мандати и двата Кабинети на Владата кои тој ги водеше.
„Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси“, напиша Заев во својата оставка.
Заев заминува од кабинетот на Илинденска број 2 по речиси пет години.
Во неговите два мандати се случија крупни настани кои го трасираа патот по кој ќе се движи државата во наредниот период.
Решавањето на спорот и нормализирањето на односите со Грција – „Преспанскиот договор“ од 2018 година и влезот во НАТО во 2020 година се двата најголеми успеси на Заев на меѓународен план. Неколку пати „извисен“ од ЕУ за датумот за старт на преговорите и новиот спор, повторно со сосед но овој пат Бугарија. И покрај смирувачките пораки и тонови, дури некогаш и намерно поставување во подредена положба, но Заев не успеа ниту за милиметар да ги помрдне позциите и покрај поддршката од Брисел.
На внатрешен план Заев имаше и успеси и порази. Голем удар му нанесе случајот „Рекет“, згаснувањето на СЈО и судските процеси кои сеуште се одолговлекуваат. Неколку афери на негови блиски соработници исто така предизвикаа турбуленции во јавноста.
За разлика од неговиот претходник кој е во бегство и бара азил, Заев секогаш имаше време да застане и да одговори на прашањата на медиумите без разлика на темата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја констатира оставката на премиерот Заев на наредната седница која најверојатно ќе се одржи утре со што целата Влада е во оставка а роковите почнуваат да течат.
Претседателот Стево Пендаровски има рок од 10 дена да го додели мандатот на оној кандидат кој го има мнозинството од 61 пратеник во Парламентот. Идниот мандатар пак има рок од 20 дена да го состави кабинетот и да ја достави програмата за потоа во Собранието да се гласа.
Повеќе од извесно е дека наследник на Заев ќе биде неговиот наследник во СДСМ, Димитар Ковачевски, а новата Влада ќе се гласа на 15 или 17 јануари.
Засега официјално познати и потврдени се три имиња во новиот Кабиент и сите три се од „Алтернатива“ кој ќе ги води здравство, информатичко општество и министерството за дијаспора. Станува збор за Беким Сали, Админирм Алити и Џемаил Чупи.
Повеќе од извесно е дека ДУИ ќе ги задржи постојните имиња на министерстките места а допрва треба да се одлучи кој ќе седне во фотељата во земјоделство.
Најмногу рокади и комбинаторики има во СДСМ. Министерките за одбрана и образовани, Радмила Шеќеринска и Мила Царовска, најавија дека се повлекуваат и нема да бидат дел од тимот на Ковачевски.
Никола Димитров ќе биде заменет со Бојан Маричичќ, а министерска позиција ќе добие и Сања Лукаревска. Оливер Спасовски останува во МВР, додека виси и местото на министерката за култура Ирена Стефоска. Благоја Бочварски потврди дека би сакал да соработува и во идната влада со мандатарот Ковачевски а последните шпекулации се дека во труд и социјала на местото на актуелната министерка Јагода Шахпаска ќе седне Милан Живковиќ, актуелен советник на сеге веќе експремиерот Заев.
Facebook Forum