Британско-шведскиот производител на лекови Астра Зенека и Универзитетот Оксфорд соопштија дека развиваат нова верзија на нејзината вакцина со две дози која ќе обезбеди заштита конкретно од новата омикрон варијанта на коронавирусот.
Вакцината е базирана на аденовирус, која, според клиниката Мајо, е изменета така што не може да се интегрира во ДНК-то на една личност и да ги разболи. Вакцината за ковид-19 со еднократна доза на Џонсон и Џонсон е исто така базирана на аденовирус.
Сенди Даглас, водач на истражувачката група во Оксфорд, изјави за весникот „Фајненшл тајмс“ дека вакцините базирани на аденовирус „во принцип би можеле да се користат за да одговорат на која било нова варијанта побрзо отколку претходно“.
Студијата објавена во понеделникот во медицинското списание „Лансет“ откри дека заштитата од актуелната вакцина против коронавирус на „АстраЗенека“ почнува да слабее три месеци по втората доза.
Израел ќе започне да нуди четврта доза од вакцината за ковид-19 во обид да го запре ширењето на омикрон. Премиерот Нафтали Бенет рече дека специјален советодавен панел препорачува дополнителна вакцинација за луѓе постари од 60 години, како и за оние со нарушен имунолошки систем и медицински работници. Четвртата доза треба да се случи најмалку четири месеци откако лицето ја добило третата доза.
Во меѓувреме, директорот на одделот за Европа на Светската здравствена организација во вторникот предупреди дека „доаѓа уште еден бран“. Д-р Ханс Клуге им рече на новинарите во Виена дека омикрон, кој веќе е доминантен во земји како Велика Британија, Данска и Португалија, ќе стане доминантна варијанта во повеќе земји „во рок од неколку недели“.
Одделот за Европа на СЗО веќе предвиде дека регионот може да се соочи со уште 700 илјади смртни случаи од ковид-19 до средината на 2022-ра година.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.
Facebook Forum