Пензионерот Иво Дукоски од Струга од својата 24-та година боледува од шеќерна болест. Му бил дијагностициран дијабетес тип1. Користењето на инсулинска терапија веќе 34 години не е само секојдневие туку и начин на живот. Вели сето ова му го променило нормалното живеење..
„Кај нас е строго забрането пиење алкохол, пушење... Јас се боцкам двапати дневно, додека има луѓе што тоа го прават повеќе пати. Ако мислиш да одиш на подолга дестинација, било каде да патуваш, со себе мораш да понесеш инсулин“, вели Дукоски.
И, по неколку пати годишно оди на редовни лекарски прегледи, бидејќи кај лицата со дијабетес, најмногу страдаат бубрезите и очите.
А, според Државниот завод за статистика во Северна Македонија во 2020-та година има 7432 ново заболени од дијабетес. Од нив 53,5 отсто се жени, останатите се мажи. Од дијабетес мелитус починале 1365 лица, најмногу на возраст над 75 години.
Во охридскиот центар за дијабетес, дневно доаѓаат помеѓу 30 и 50 пациенти. Секојдневно бројот на ново заболени се зголемува. Се почесто на удар е помладата популација.
„Начинот на живот е променет. Брза храна и несоодветна физичка активност доведуваат до појава на дијабетес. За жал, имаме многу пациенти со тип 2 но, кај деца. Порано имаше само тип 1 кај дечињата, затоа што играа надвор, се занимаваа со физичка активност, а сега повеќе седат пред комјутер“, вели Др. Лиле Анѓелеска интернист во Центарот за дијабетес во Охрид.
Но, дали може да се победи шеќерната болест. Иако станува збор за хронично заболување, сепак постои надеж за оние со тип 2.
„Може само со правилна исхрана и физичка активност, може на пациентите таблетарната терапија да им ја исклучиме и да бидат на диета и физичка активност. Тие што се на инсулинска терапија, тие остануваат, само мора да се регулира за да не настанат компликации“, додава таа.
А, Дукоски кој што е претседател и на регионалното здружение на дијабетичари, вели дека за разлика од порано денес нема поголеми проблеми со достапноста на неопходната терапија. Претходно доста граѓани набавувале пенкала за инсулин од Албанија и Србија, а имало и паралелен увоз на инсулин, што било недозволено за нив.
„Сега донесоа нови инсулини кои се применуваат и во Македонија. Тој инсулин до 48 часа не треба да се боцкаш. Секој што е заболен од тип 1 и тип 2 на инсулинска терапија, му се даваат бесплатно ленти и апаратче за мерење шеќер. Се бориме инјекциите кои се ставаат во око, за очното дно, да издејствуваме да е помала сумата на пари. За едното око, добрата инјекција е околу 1000 евра“, вели Дукоски.
Во охридскиот центар за дијабетес на пациентите им се нудат и бесплатни диети за подобар и поквалитетен живот.
Ако продолжи овој начин на живот, лекарите велат очекуваат дека дијабетесот ќе биде во пораст.
Facebook Forum