Линкови за пристапност

Љубомир Фрчкоски во интервју за Глас на Америка: Да се формираат работните групи


Интервју со Љубомир Фрчковски
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:42 0:00

Шестте месеци кои ги предлага бугарскиот премиер е прифатливо за нас и даваат извесност дека ќе имаме деблокада на евроинтегративниот процес

Глас на Америка: Каков развој на настаните може да ја очекува Северна Македонија, по недобивањето повторно датум за почеток на преговорите со ЕУ?

Љубомир Фрчкоски: „Всушност не е тоа не, како што веројатно сака опозицијата да каже, поврзано со условот за предвремени избори, туку се менува принципот односно правилата на игра. Сега веќе не се инсистира на фиксен датум, кој не може да се постигне заради брзината на краткоста на времето за резултат во преговорите меѓу нас и Бугарија. Туку се менува реториката и се врзува со она што јас претходно го објаснував, дека ќе постават некакви фиксни временски услови. Тие фиксни временски услови, даваат извесност дека после извесен период ќе имаме деблокада на тој процес. Тоа се тие шест месеци, кои ги предлага бугарскиот премиер. Мислам дека е тоа прифатливо, бидејќи нема друга опција и мислам дека гаранциите од ЕУ кои се врзуваат сега за овие шест месеци, да не можат да се прошируваат, менуваат се’, најбитната работа е компромисот на кој ЕУ самата си честита. За тој компромис се работи. Во таа смисла извесноста е нова и важна. Од друга страна брзо треба да се формираат работните групи кои ги предлага премиерот на Бугарија. И, тоа за нас не е проблем. Може да се прашате дали историската комисија која во овој период не успеа да постигне резултати, ќе го постигне тоа за шест месеци. Но, сега тоа не е важно. Сега притисокот на работата на тие комисии е во рокот од шест месеци. Некаков резултат мора да се испорача. И, во тој притисок двете страни, посебно бугарската, може да покаже конструктивност, што го оценува како успех и како добар резултат во овој период од шест месеци и после тоа мислам дека ќе се отворат перспективите за нас за влез односно за отворање на преговорите“.

Глас на Америка: Како ги оценуватe најавите од новиот владин партнер Алтернатива, дека без датум од ЕУ сите треба да се запрашаат што понатаму? Дали тоа може да се толкува дека се доведува под знак прашалник нивниот влез во Влада?

Љубомир Фрчкоски: „Вие ги преценувате изјавите на поединци од партиите, дека не влегле во владата заради власт, туку поради убавина? Тие се влезени поради структурата, која создава за мали партии предности, ефект во нивното членство. Дури мислам дека немаат ниту кадри да ги пополнат опциите кои им беа понудени и прифатени. И, во таа смисла, не мислам дека тука нешто ќе се менува посебно, независно од ова темпо што го држи еден од нивните членови, во кој поради таа тензичност му се дава поголемо значење отколку што реално ја има. И, јас мислам дека тука нема да има промени. Алтернатива е во Влада. Друго прашање е на кој начин и како целокупното ново мнозинство, под ново раководство на нов мандатар, ќе се стабилизира и ќе ги пофати сите конци на раководење на земјата во периодот кој следи. Бидејќи притисокот на новиот мандатар ќе биде голем, негово чекирање практично и неговото огнено крштевање нема да биде лесно“.

Глас на Америка: Што ќе донесе заминувањето на Зоран Заев од претседател на СДСМ, како и од функцијата премиер, како и реизборот на Мицкоски на чело на ВМРО ДПМНЕ?

Љубомир Фрчкоски: „Јас имам став дека одговорноста на политичките елити кај десничарските партии од овој тип, како што е ВМРО ДПМНЕ, со таков тип на гласачко тело е огромен. Политичката елита на таквите партии, мора да го хендлува, под наводници своето диво гласачко тело кое често е обврзано не само со антиваксерство туку и ксенофобија, расизам и затвореност. Сето тоа треба да го хендлува и да го води една класична десничарска партија, што е голема операција. Секако втората опција, што беше досега, што ја видовме е да го злоупотреби таквото гласачко тело, за поддршка на сопствените авторитарни амбиции, тоа што го правеше Груевски претходно. Идејата да се хендлува вакво тело, кое го имате, не можете да го менувате лесно народот е многу големо и посакувам во иднина да направат политичка елита, која е способна и одговорна, во таа партија да раководи и да создаде нормална христијанско-демократска и десничарско-конзервативна партија. Не знам дали Мицкоски ќе успее да го направи тоа. Но, јас му посакувам тоа да го направи, бидејќи тоа е важно за сите нас. Зоран Заев ја заврши многу одговорно етапата на консолидација кај македонското политичко општество, кое трае 30 години. Завршувајќи ги односно затворајќи ги на маестрален начин големите прашања, вклучувајќи го и ова со Бугарија, бидејќи сега е тоа ставено на шини за решавање и со тоа Македонците и Македонија ги става во нова етапа, етапа кога нема да има големи прашања, како алиби на политичките елити, да речат ова не можеме да го направиме, бидејќи овој не блокира, сите се против нас. Сега сме ние како во соба со огледала. Сега се гледаме самите себе. Сега она што можеме, можеме, она што не бива не бива, сега нема кој не кочи нас. Сега перспективите се отворени, проблемите се главно решени. Поради животот секојдневен ние не забележуваме како Македонија всушност влегува во нова етапа на својата политичка историја, како разрешување на големите прашања и влегување во една ситуација ,кога ќе бидеме насочени сами кон себе. И, во таа смисла посакувам да бидеме способни да преживееме политички. Таа улога мајсторски ја изведе Зоран Заев, па дури и со саможртва, па и со голема политичка одговорност, бидејќи тоа не можете да го решите без преземање одговорност на себе. За партијата не можам да проценам целосно како ќе се одрази. Ова демократска транзиција беше добро изведена. Меѓутоа партиски лидер мора да има харизма. Тоа не треба да биде само добар човек и да биде фино образуван и воспитан. Посебен бизнис се партиските лидери и таа харизма ќе видиме во периодот што ќе следи, дали новите лидерства ќе можат да ја исполнат да ја водат. Тоа е комплициран и тежок процес, бидејќи нападите доаѓаат од сите страни“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG