СКОПЈЕ –ЕСМ ќе биде задолжен да ја покрие комплетната побарувачка на струја на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум наменета за домаќинствата и малите потрошувачи во првите шест месеци од наредната 2022 година. Цената е 41 евро за мегават час, цена која што ја донесе Владата на затворена седница пред десетина дена, и е за 13.6 отсто повисока од сегашната која изнесува 36,1 евро за мегават. На денешниот петти по ред тендер единствено државните електрани доставија понуда која беше прифатена од ЕВН Хоум.
„АД ЕСМ и на двата тендери (за 60% и 40% од вкупните планирани потреби) преку електронски аукции му понуди на ЕВН Хоум како Универзален Снабдувач купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас. Добиената купопродажна цена е за 13,6 % повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за набавка на електрична енергија за периодот Јули-Декември 2021 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 36,1 евро за мегаватчас“, соопштија од ЕВН.
Која е висината на тендерот засега не е познато. Проценките на ЕСМ се дека за покривање на потребите на ЕВН Хоум во текот на целата 2022 година ќе биде потребно да им испорачаат 3.400 гигават часови струја или 1.700 за првото полугодие што го отвара прашањето дали капацитетите на државните електрани во состојбата во каква што се во моментов имаат капацитет да испоачаат.
Покачувањето од речиси 14 отсто сигурно ќе влијае врз цената на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните. Од Владата лицитираат со бројки и најавуваат дека нема да биде поголема од 10 отсто.
Сепак, Регулаторната комисија е таа што ќе пресече и ќе ја оформи цената на ЕВН Хоум за домаќинствата и малите потрошувачи. На цената влијаат повеќе фактори како набавката на електрична енергија,преносот и дистрибуцијата, трошокот за обвноливи извори и маржата на компаниите. Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, изјави дека допрва ќе се прават пресметките а при формирањето на цената регулаторите ќе се обидат да ги намалат маржите и профитот на енергетските комапнии во корист на граѓаните.
„Во криза сите треба да покажеме солидарност и тоа го очекувам од компаниите. Покрај сите учесници на пазарот и компаниите кои ги регулираме, ќе се обидеме во рамките на тие надлежности што ги имаме да влијаеме на нивните профити кои им се гарантирани со нашата методологија. За да избегнеме сериозни ценовни шокови ќе влијаеме на профитити во рамки до каде што можеме и ќе ги земеме предвид договорните обврски кои ги има потпишано самата држава “, изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Бислимовски соопшти дека барање за поскапување на струјата има доставено само од Електродистрибуција и очекува тоа да го страт и ЕВН Хоум и МЕПСО и најави дека повторно ќе бара од Владата законски измени со кои ќе се субвенционираат ранливите категории на потрошувачи.
Производството на струја во домашните капацитети во моментов е околу 12 гигавати дневно а од утре, по дванесет години пауза, повторно ќе почне со производство на струја термоелектраната Неготино чии два блока имаат капацитет од 180 мегавати.
Собранието во петокот го прифати предлогот и ја продолжи кризната состојба во енергетскиот сектор до 9 јуни наредната година.
Facebook Forum