Туристичкиот водич Татјана Лилиќ на ученици од охридските средни училишта, им раскажуваше за вредноста на локалитетот Плаошник во Охрид, богат со археолошки наоди но, и за црквата Свети Климент и Пантелејмон, која е реплика на постара црква од 863-та година. Целта на проектот кој го спроведува Центарот за ресурси во животната средина, е да им ги покаже на младите универзалните вредност на пределот кој е под заштита на УНЕСКО, но и да им укаже на начините на кои тие во моментот се загрозени.
„Ако ние го изгубиме тој примат, може да се збогувате со туризмот во Охрид. Децата видоа што е направено и како се заштитени одреден број на фрески, цркви... Но, ги имаат замерките околу нечистотијата, уништувањето на природата, неодговорноста на повозрасните“, вели таа.
А, токму на Плаошник веќе неколку години се работи на возобновување на Свети Климентовиот универзитет. Тој беше еден од локалитетите кои беше истакнат од мисијата на УНЕСКО, како предел врз кој што се врши извесно негативно влијание. Забелешката се однесуваше на катноста на објектите кои таму се градат.
„Покрај археолошката обиколка на локалитетот, сакавме да им укажеме и на некои погрешни потези во минатото, што се направени во однос на конзервација на тие вредности и како во иднина тие вредности во иднина би можеле да се заштитат“, рече Иван Петровски од центарот за ресурси во животната средина.
Тие посетија и неколку други културно историски и природни локалитети во регионот. Учениците велат дека научиле многу работи, за кои досега и не знаеле.
„Научивме многу за минатото на нашиот град и за историјата. Научив дека ние се што имаме овде можеме да зачуваме, бидејќи тоа се наоѓа на наша територија“, вели ученичката Марија Мацеска.
„Треба и ние граѓаните и младите да имаме поголема свест и да го зачуваме тоа што ни го имаат оставено претците“, рече ученикот Валентин Матоски.
Петровски смета дека ова мора да биде дел од една сеопфатна образовна програма која би се спроведувала во охридското подрачје.
„Во следната фаза на проектот, учениците ќе учествуваат на работилница каде што самите ќе треба да најдат начини како тие вредности треба да се заштитат и потоа таа порака да им ја испратат на пошироката јавност во охридскиот регион, за заедно во иднина да работат на отклонување на овие проблеми“, додаваат од центарот за ресурси.
Оваа активност, која е подржана од Министерството за култура и УНЕСКО, се случува во време, кога Охридскиот регион се соочува со сериозна закана да се најде на листата на светско наследство во опасност. На државата и локалните власт, УНЕСКО им даде рок уште две години да ги спроведат препораките, како што е справувањето со нелегалните градби.
Facebook Forum