Северна Македонија го праќа првиот тим од 5 армиски офицери кои ќе бидат дел од командните структури на НАТО.
Тие заминуваат на позиции кои ѝ се доделени на земјава како полноправна членка на Алијансата. Станува збор за искусни воени лица со вкупен армиски стаж од речиси 100 години. Планот е до 2023 да се пополнат сите 20 позиции во командните структури на НАТО што ѝ припаѓаат на Северна Македонија.
„Сакам да се заблагодарам за дадената доверба што ќе бидеме меѓу првите офицери кои се упатени на командни позиции во НАТО. За нас тоа е голема чест и одговорност и достоинствено ќе ја претставувам армијата на Северна Македонија. Дополнителен предзивик ќе биде работата во мултинационална воена средина“, вели Горан Стојановски, потполковник во АРМ.
Овој чекор следи откако минатиот месец, по две и пол годишен процес, официјално заврши воната интеграција на земјава во Алијанста со што се овозможи приклучување на македонски офицери во структурите на НАТО.
„Во изминатите 4 години се посветивме на изградба на кадар, зашто малите членки со тоа може да придонесат во НАТО структурите, а тоа се луѓето – знаењето, професионалноста. Затоа, во изминатиот период ставивме акцент на дообука на нашите кадри“, изјави Радмила Шекеринска, министерка за одбрана.
Вчера беше одбележано вклучувањето на небото на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата – со грчки Ф-16, како и со НАТО Авакс, практично беше покажано како изгледа чувањето на воздушниот простор по зачленување во Алијансата.