Пропадна и четвртиот тендер на ЕВН Хоум бидејќи денеска ЕСМ повторно не достави понуда за електрична енергија за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи. Роковите и понатаму продолжуваат да се пробиваат.
На третиот тендер ЕСМ не се јави бидејќи немаше оформено цена која ќе ја понуди, но Владата во вторникот на затворена седница донесе одлука за висината на цената, па сега проблемот се јави во времетрањето на тендерот.
Одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количините на струја е за период од шест месеци, а тендерот на ЕВН Хоум е за целата 2022 година. Како дошло до ова несогласување објаснување нема.
„Одлуката на Владата во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022 година се однесуваат на 6 месечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12 месечен период. Од тие причини АД ЕСМ денеска не поднесе понуда. АД ЕСМ ќе се јави на следниот повик на Универзалниот снабдувач кој треба да се однесува на периодот јануари-јуни 2022 година“, соопштија од ЕСМ.
Неофицијално проблемот е и што ЕСМ нема обезедено доволно струја со која би асе покртиле 100 отсто од потребите на граѓаните и малите потрошувачи за сите 12 месеци.
Од ЕВН, за Гласот на Америка, инофрмираат дека следниот тендер ќе се одржи на 14 декември и ќе се однесува за период од шест месеци.
А колку ќе поскапи струјата прецизен одговор нема. Министерот за економија, Крешник Бектеши, секојдневно продолжува со лицитациите со проценти, вчера најави дека нема да биде поголемо од 10 отсто без да прецизира дали тоа е одлуката на Владата.
Претседателот на регулаторната комисија, Марко Бислимовски, очекува до крајот на месецот до нив да бидат доставени барањата за промени на цените и од први јануари да се пресметува новата цена при читањето на броилата. Тој смета дека доколку ЕСМ успее да испорача 100 отсто од бараната струја ќе се избегне увоз од слободниот пазар каде цените се неколкукратно повисоки.
„Со законот за енрегетика ЕСМ мора да да испорача најмалку 60 отсто. Ако тие 40 отсто мора да се набават на слободниот псазар каде сега е 300 евра за мегават час, тоа ќе донесе сериозен притисок врз цената на електричаната енергија и ќе придонесе за драматично зголемување. Оваа стратегија на Владата е одлична бидејќи му наложува на ЕСМ да обезбеди 100 отсто и со тоа да се избегне увоз или да се сведе увозот на миниум со што се намалува притисокот врз цената на струјата“, изјави Бислимовски.
Во моментов на берзите цената на мегават струја е рекордни 340 евра.
Со активирањето на Осломеј и враќањето во функција на вториот блок во РЕК Битола, државните електрани успеаа да го подигнат производството до речиси 10 илјади мегавати дневно со што се покрива малку повеќе од половина од вкупната побарувачка за струја во државата.
Според најавите ТЕЦ Неготино треба да почне со производтсвото наредната недела а неговиот капацитет е 180 мегавати на час.
Кризната состојба во енергетиката што ја прогласи Владата истекува денеска и се очекува Собранието попладнево да ја продолжи за уште шест месеци.