Линкови за пристапност

Бајден го отвори “Самитот за демократија”


„На демократијата и требаат шампиони и јас сакав да бидам домаќин на овој самит“, рече Бајден во своето обраќање

Американскиот претседател Џо Бајден го отвори виртуелен Самит за демократија кој ги обединува светските лидери, граѓанското општество и приватниот сектор за да „постават афирмативна агенда за демократска обнова и да се справат со најголемите закани со кои се соочуваат демократиите денес преку колективна акција“.

„На демократијата и требаат шампиони и јас сакав да бидам домаќин на овој самит“, рече Бајден во своето обраќање. „Овде, во Соединетите Држави, знаеме како сите, обновувањето на нашата демократија и зајакнувањето на нашите демократски институции бара постојан напор”, додаде тој.

Самитот, кој продолжува во петок, е дел од предизборното ветување на Бајден за зајакнување на демократијата ширум светот во време кога автократските влади се во пораст. Самитот е планиран околу една година, но висок претставник на администрацијата изјави за Гласот на Америка дека самитот не се очекува да продолжи надвор од администрацијата на Бајден.

Еве што знаеме за настанот.

Која е целта?

Целите на самитот се зајакнување на демократијата, одбрана од авторитаризмот, справување со корупцијата и промовирање на човековите права.

Според администрацијата на Бајден, лидерите ќе бидат охрабрени да објават „конкретни активности и заложби за значајни внатрешни реформи“ во согласност со тие цели.

Не е јасно колку обврски на присутните ќе се претворат во акција. Иако нивните ветувања нема да бидат правно обврзувачки, на владите сè уште ќе им треба поддршката и ресурси.

На брифинг пред новинарите минатата недела, високи претставници на администрацијата на САД рекоа дека треба да објават список на земји кои ветија дека ќе работат заедно за да го ограничат извозот на технологија што може да ја користат репресивните влади и другите за да ги прекршат човековите права.

Кој доаѓа?

Поканети се повеќе од 100 земји, вклучувајќи либерални демократии, послаби демократии, па дури и неколку држави со авторитарни карактеристики. На самитот ќе учествува и Северна Македонија.

Според Индексот за демократија на Фридом Хаус, 77 поканети земји се рангирани како „слободни“ или целосно демократски; 31, „делумно слободни“; и три, „не слободни“.

Списокот на гости покрена прашања - на пример, зошто одредени земји беа поканети, а други не. Босна и Херцеговина, која постигна 53 поени во индексот на Фридом Хаус, не беше поканета, но Косово со оценка 54 беше поканета заедно со деветте други балкански земји. На листата се најде и Пакистан, кој имаше оценка 37, додека Шри Ланка со 56 не се најде.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG