Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Британија ќе им се придружи на САД и Австралија во дипломатскиот бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг во февруари.
Џонсон го објави ова во средата, како одговор на прашања од пратениците.
„Ќе има ефективно дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг, не се очекува да присуствуваат министри, ниту официјални претставници“, рече премиерот во парламентот. Тој додаде дека спортистите сепак ќе учествуваат бидејќи не верува дека „спортските бојкоти се разумни“.
Британија им се придружува на САД, Нов Зеланд, Литванија и Австралија во одлуката да не испраќа дипломати и други владини претставници на игрите во Пекинг.
Австралискиот премиер Скот Морисон најави сличен бојкот во средата во Канбера, наведувајќи низа прашања, вклучително и обвинувања за кршење на човековите права против Кина и одбивањето на Пекинг да одржи билатерални разговори за решавање на долготрајните трговски и дипломатски спорови.
Во Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, ја отфрли најавата на Морисон, велејќи им на новинарите „никому не му е грижа“ дали австралиски претставници ќе присуствуваат на Олимпијадата или не.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот објави дека ќе спроведе дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг, кои ќе се одржат од 4-ти до 20-ти февруари.
Претседателот Бајден минатиот месец рече дека размислува за дипломатски бојкот поради критиките за кршењето на човековите права во Кина, вклучително и притворањето на муслиманските Ујгури во провинцијата Ксинџијанг и задушувањето на продемократските сили во Хонг Конг.
Пекинг вети дека ќе преземе „контрамерки“ против Вашингтон поради бојкотот.
Некои информации за овој извештај беа обезбедени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.
Facebook Forum