СКОПЈЕ - Алтернатива влегува во Владата а државата излегува од политичката криза и ќе добие функционално Собрание со стабилно мнозинство, соопштија лидерите на СДСМ и Алтернатива, Зоран Заев и Африм Гаши, по средбата во Клубот на пратениците со која се официјализираше договорот постигнат во преговорите.
„Постигнавме договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи. Постигнатиот договор, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза“, изјави премиерот во оставка Зоран Заев.
Тој нагласи дека со формирањето на новото парламентарно мнозинство коие сега брои 64 пратеника нема да има вонредни избори догодина.
За влез во Владата Алтернатива добива три министерства, три заменички места и десетиа државни институции.
„Алтернатива ќе ги води министерството за здравство, министерство информатичко општество и министерство без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива ќе добие и заменици министери во МОН, министерството за култура, а за третиот ресор се дискутира, но разговаравме за заменик министер во министерството за земјоделство.Алтернатива ќе водиповеќе институции на централно и локално ниво како што се МЕПСО, Фонд за здравство, железници, Клинички центар Тетово и Агенција за странски инвестиции“,изјави Заев.
Засега потврдено е само името на Беким Сали кој ќе го замени Филипче во задрвство а се шпекулира дека во МЕПСО ќе влезе Орхан Муртезани.
Премиерот во оставка потврди дека новиот претседател на СДСМ ќе биде и нов мандатар а својата оставка ќе ја депонира на крајот од годинава.
Одлуката за влез во Владата не била лесна, соопшти Гаши на заеднишката прес конференција.
„Шеесет и четири пратеници ќе бидат од парламентарното мнозинство и ќе работат искрено и сериозно, со цел да се излезе и од здравствената, и од енергетската и од економската криза, во која сите ние се наоѓаме и ја чувствуваме. Алтернатива беше исправена пред многу тежок период и предизвикот дали да продолжи таму каде што е или да придонесе во историскиот процес за отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ. Примарно беше да бидеме вофункција и во интерес на државната и регионалната стабилност и во интерес на Албанците и на сите граѓани во нашата држава“, изјави Гаши.
Гаши ги престави деветте точки односно договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма а тие се однесуваат на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на институциите.
Согласно договорот, Владата ќе развива и имплементира политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот. Ќе се направи и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување. Ќе се редефинира и Законот за извршители водејќи се пред се од барањата на граѓаните, со цел да биде во поголема функција на нивните интереси , а потоа и на интересите на институциите.
Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.
Откако се официјализира влегувањето на Алтернатива во Владата се огласи и довчерашниот пратнер, опозициската ВМРО - ДПМНЕ, која е на ставот дека Алтернатива наместо партија којашто сака да промени нешто во општеството и да стане коректор на искривените вредности, станува партнер на криминалната дружина на власт СДСМ и ДУИ.
„Сакаме да прашаме до кога политичките партии од власта кои што не се дел од СДСМ/ДУИ и Алтернатива, ќе бидат слепи и неми посматрачи на сите криминали, неправди, и политички договори кои се на штета на сите граѓани во Македонија. Заев покажа дека е спремен да ја плати секоја цена само за да продолжи со крадењето, тендерите и разградувањето на државата. СДСМ станува партија на многу проблеми и денес Заев е повеќе од порано заложник на Али Ахмети и на ДУИ “, изјсви Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО - ДПМНЈЕ.
Од опозициските партии од албанскиот блок немаше никакви реакции.
Facebook Forum