Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја предупреди Русија да не преземе какви било „ескалаторски акции“ кон Украина, велејќи во вторникот дека „секоја повторна агресија ќе предизвика сериозни последици“.
Зборувајќи пред новинарите заедно со латвискиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевичс за време на посетата на Рига, Блинкен рече дека САД се „многу загрижени“ за движењата на руските војници долж границата со Украина.
Загриженоста за военото засилување на Русија треба да се дискутира подоцна во вторник и среда за време на министерскиот состанок на НАТО во Рига. Блинкен рече дека ќе има уште многу да каже на оваа тема по тие консултации со сојузниците во НАТО.
Пред разговорите, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја повика Русија да ги намали тензиите во регионот.
„Секоја идна руска агресија против Украина ќе има висока цена и ќе има сериозни политички и економски последици за Русија“, рече Столтенберг во понеделникот.
Разговорите во Рига, исто така, доаѓаат кога членките на НАТО, Летонија, Литванија и Полска се справуваат со граничната криза со соседна Белорусија.
Европската унија го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека примами илјадници мигранти, главно од Блискиот Исток, да патуваат во Белорусија и да се обидат да преминат во Летонија, Литванија и Полска со цел да ја дестабилизираат Европската унија. ЕУ вели дека Лукашенко се одмаздува за санкциите што беа воведени против неговата влада.
Блинкен денес рече дека САД, во координација со ЕУ, подготвуваат дополнителни санкции против Белорусија за, како што рече, „нејзините тековни напади врз демократијата, врз човековите права, врз меѓународните норми“.
Блинкен треба да отпатува утре за Шведска за да се сретне со колегите министри од Организацијата за безбедност и соработка во Европа и да разговара за билатералните врски со шведските власти.
Некои информации за овој извештај се од Ројтерс.
Facebook Forum