Линкови за пристапност

„Не чекајте, вакцинирајте се“, им рече Бајден на околу 60 милиони невакцинирани луѓе во САД


Претседателот Бајден рече дека во моментов не верува дека се потребни дополнителни затворања на бизниси и училишта поради новата закана

Американскиот претседател Џо Бајден денес упати нова молба до Американците да се вакцинираат против коронавирусот, или да добијат трета доза вакцини ако веќе се инокулирани, наспроти, како што вели неговиот врвен медицински советник, неизбежноста новата варијанта омикрон да влезе во земја.

„Не чекајте“, им рече Бајден на околу 60 милиони невакцинирани луѓе во земјата за време на краткото обраќање од Белата куќа. „Ако не сте вакцинирани, одете направете го тоа сега“.

Но, претседателот рече дека во моментов не верува дека се потребни дополнителни затворања на бизниси и училишта поради новата закана.

Бајден рече дека „нема да штеди напор“ да се бори против новата варијанта, но здравствените власти изразија надеж дека веќе вакцинираните имаат мерка на заштита од неа, иако се спроведуваат повеќе научни студии.

Случаите на оваа варијанта, првпат идентификувани во Јужна Африка, сега се откриени во неколку земји, а Бајден, почнувајќи од денес, ги забрани летовите во САД од Јужна Африка и седум други земји во Африка.

Д-р Антони Фаучи, американскиот експерт за заразни болести, изјави за емисијата „Добро утро Америка“ на Еј-Би-Си дека научниците се надеваат дека во следната недела или две ќе научат колку добро постоечките вакцини ќе ги заштитат луѓето од варијантата омикрон и дали може таа да се покаже дека е опасна.

„Навистина не знаеме“, рече Фаучи.

Коронавирусот уби повеќе од 750 илјади луѓе во САД за време на 20-месечната пандемија, повеќе од која било друга земја.

Бајден рече дека вакцините во САД секогаш прво ќе бидат достапни за Американците и тие се бесплатни. Тој, сепак, рече дека земјата има и „морална обврска“ да им помогне на останатите да се вакцинираат и дека широко распространетите инокулации ќе помогнат да се стави крај на глобалната пандемија.

Тој рече дека 275 милиони дози на вакцини произведени во САД се веќе испратени во 110 други земји.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG