Линкови за пристапност

Изјавите од сведоци и ДНК анализите предадени на бугарското Обвинителство


Утринава е сослушан сопственикот на „Беса Транс“ дополнително ќе се одлучува за евентуален притвор. Комплетната документација за автобусот кој изгоре, како и сите материјали собрани во досегашниот тек на истрагата македонското Јавно обвинителство денеска ги предаде на бугарските колеги

СКОПЈЕ - ДНК профилите од роднините на патниците кои загинаа во трагедијата во Бугарија кои ќе послужат за нивна идентификација, записници од изјавите на осум сведоци сосслушани од Обвинителството како и предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за лиценцата на превозникот „Беса Транс“ и целокупната документација за автобусот со кое располага македонското Министерство за внатрешни работи денееска им беа предадени на претставниците на бугарското Јавно обвинителство.

„За потребите на обвинителството на Бугарија и на обвинителството на Северна Македонија се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување на други лица кои може да дадат сознанија за расчистување на трагичниот настан. Наидовме на целосно разбирање одОбвинителството од Бугарија и од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина заминуваат во Софија за забрзување на постапката на идентификација на настраданите“, изјави Љубомир Јовевски, државен Јавен обвинител.


Сопственикот на „Беса Транс“ е достапен на истражните органи и утрово бил сослушан, потврдија денес обвинителствата. Дали ќе му биде одреден притвор ќе одлучува македонското Јавно обвинителство.

Скопското Обвинителство отвори предмет за „Беса Транс“ а меѓу останата се фокусира и на тоа како автобусот ги минувал границите без соодветна документација.

На прес-конференцијата присуствуваа и Бисер Јорданов Михајлов, заменик окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник и Младен Христов Петров, истражител во Националната истражна служба на Република Бугарија.

Тие изразија сочувство до семејствата за трагичната несреќа и изјавија дека координацијата меѓу македонските и бугарските истражни власти е на исклучително високо ниво.

„Откако се случи несреќата, институциите постојано соработуваат и работата на расчистување на случајот. Ќе продолжиме со исто темпо и по ДНК анализата телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок“, изјави Јорданов Михајлов.

Прашан дали патот и лошата сообраќајна сигнализација се можни причини за несреќата, Михајлов рече, дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.

„Ова е страшна несреќа што се случи и ве убедувам дека координацијата меѓу двете држави е на високо ниво и откако се случи сообраќајната несреќа институциите постојано работат на расчистување на случајот. Продолжуваме со истата активност и бидејќи се работи за обемна документација, не може се уште да се кажат точните причини за несреќата“, рече Јорданов Михајлов.

Соработката ја потврди и истражителот Петров.

„Благодарам за напорната работа македонското Јавно обвинителство, добрата соработка со Вилма Рускоска и професионалната соработка на сите структури од МВР, Министерството за транспорт и од Судска медицина, што овозможи за брзо време да располагаме со многу докази и во име на човештвото да скратиме многу бирократија. Придржувајќи се кон законот и прописите да се вратат телата за да бидат погребани“, изјави Петров.

Министерот за надворешни работи, Бујар Осмени, вчера уште еднаш изјави дека откако ќе бидде завршена идентификацијата и обдукцијата на настраданите патници, државата ќе го организира транспортот на починатите во Македонија.

А денеска двајца од вкупно седумте патници кои ја преживеаја страшната трагедија на автопатот „Струма“ во Бугарија и беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија, се донесени во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“. Станува збор за седумнаесет годишна девојка и возрасен маж кои се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија.

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани после што ќе направат проценка да се испишат на натамошен домашен третман. Во понеделник се очекува да бидат донесени уште тројца патници кои ја преивеаја несреќата.

„Пристигнаа колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош што е многу битно во овој момент, така што целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето. Ќе искомуницираме уште еднаш во утрешниот ден, ќе ги организираме возилата ако состојбата го дозволува тоа ќе го организираме и транспортот. Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно скршеница на два пршлени и тој е во стабилна состојба“, изјави Филипче.

Трагичната несреќа се случи на 23 ноември во раните утрински часови а загинаа 45 патници во автобусот на „Беса Транс“ за кој беше утврдено дека немал лиценца да врши меѓународен транспорт на патници и согласно тоа не можел да ја мине границата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG