Линкови за пристапност

Трилатерален самит САД – Канада - Мексико


На трилатералниот самит меѓу САД, Канада и Мексико кој се одржа вчера се дискутираа решенија за проблемите кои ја засегаат цела Северна Америка - и пошироко.

„Лидерите ветија дека ќе преземат конкретни активности за поддршка на нашите заеднички цели, кои вклучуваат: ставање крај на пандемијата со Ковид-19 и унапредување на глобалното здравје; поттикнување на конкурентноста и создавање услови за правичен раст како и координирање на регионален одговор на миграцијата“, соопшти Белата куќа доцна во четвртокот, по завршувањето на самитот кој траеше околу три часа.

Американскиот претседател Џо Бајден се состана одделно со канадскиот премиер Џастин Трудо и со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, пред тројцата да се состанат заедно на нивниот прв трилатерален самит во последните пет години.

Трудо и Лопез Обрадор одвоено се сретнаа и со потпретседателката Камала Харис.

Белата куќа соопшти дека Харис и Лопез Обрадор разговарале за прашања вклучувајќи ја безбедноста, економијата, пандемијата и соработката за истражување на вселената.

Тие, исто така, се согласиле да работат „на решавање на основните причини за миграцијата од Централна Америка и потребата од регионален пристап кон миграцијата во западната хемисфера“.

Харис и Трудо, меѓу другото, разговарале за преселувањето на авганистанските бегалци и за немирите во Хаити и Етиопија.

Трудо рече дека приоритет во разговорите ќе биде закрепнувањето од пандемијата. Пред самитот, Трудо изјави дека ќе се спротивстави на кампањата на Бајден „Купувај американско“, која Канада ја гледа како протекционистичка. Тој подвлече дека канадските работници не треба да бидат изоставени од ниту една северноамериканска економска иницијатива.

„Ние сме сигурни дека нашата интегрирана северноамериканска економија креира добри работни места и ја поддржува средната класа во нашите три земји. Ова ќе биде поткрепено со трговски договор од светска класа кој ги штити правата на работниците“ рече тој.

Лопез Обрадор на економскиот напредок гледа на како уште еден начин за спротивставување на Кина, која САД ја гледаат како свој главен противник.

„Економската интеграција, со целосно почитување на нашиот суверенитет, е најдобриот инструмент за соочување со конкуренцијата што произлегува од растот во другите региони во светот, особено од продуктивното и комерцијалното проширување на Кина“, рече тој, говорејќи преку преведувач.

Бајден, кој го турка законското решение за социјални трошоци од 1,75 трилиони долари за кое верува дека радикално ќе го подобри животот на Американците од работничката класа, го истакна своето верување дека правичноста треба да биде во центарот на економскиот раст.

„Ние водиме инклузивно економско закрепнување заедно како две нации и се соочуваме со климатската криза и се залагаме за демократските вредности“, рече Бајден, седејќи со Трудо во Овалната соба. „И мислам дека и двајцата мислиме дека е најдобро кога можностите, правичноста и правдата се совпаѓаат, и тие се основни вредности на Канада и Соединетите Држави. Така, ова е една од најлесните релации што можете да ги имате како американски претседател, една од најдобрите“ рече Бајден.

Со Лопез Обрадор, Бајден истакна дека САД и Мексико се на еднаква основа.

„г. Претседателе, ние повеќе не користиме јазик како ‘нашите пријатели од југот’, рече Бајден. „Вие сте еднакви. Ние сме еднакви земји“ додаде тој.

XS
SM
MD
LG