Белата куќа има ниски очекувања во пресрет на виртуелната средба меѓу американскиот и кинескиот претседател, Џо Бајден и Си Џинпинг, која треба да се одржи вечерва по локално време во Вашингтон.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека во фокусот на состанокот ќе биде менаџирањето со конкуренцијата меѓу двата ривали, но дека тој веројатно нема да заврши со решавање на разликите.
„Двајцата лидери ќе разговараат за начините за одговорно управување со конкуренцијата“ меѓу двете земји „како и за начините за соработка каде што се усогласуваат нашите интереси“, изјави Псаки во петокот.
„Претседателот Бајден јасно ќе ги каже намерите и приоритетите на САД и ќе биде јасен и искрен за нашите грижи во однос на Кина“, додаде таа.
Соединетите Држави на Кина гледаат како на стратешки конкурент, бидејќи Пекинг се обидува да го зголеми своето воено и економско влијание ширум светот.
Во пресрет на средбата, сепак, реториката од двете страни е омекната.