Линкови за пристапност

СЗО: Европа е епицентар на пандемијата


Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус во петокот изјави дека Европа останува епицентарот на пандемијата, известувајќи за 2 милиони нови случаи минатата недела, што е најголем број во регионот од почетокот на ширењето на Ковид-19.

На брифингот во Женева, шефот на СЗО рече дека регионот исто така пријавил скоро 27.000 смртни случаи минатата недела, повеќе од половина од сите смртни случаи од Ковид-19 ширум светот.

Тедрос рече дека пандемијата забрзува во земјите со пониски стапки на вакцинација во Источна Европа, но и во земјите со некои од највисоките стапки на вакцинација во светот во Западна Европа. Тој рече дека тоа е потсетување дека иако вакцините го намалуваат ризикот од хоспитализација, тешки болести и смрт, тие не ја заменуваат потребата од други мерки на претпазливост.

Тедрос вели дека додека вакцините го намалуваат преносот на корона вирусот, тие не го спречуваат целосно.

На темата имунизација, шефот на СЗО уште еднаш зборуваше за неправдата со нееднаквата распределба на вакцините за Ковид-19 и за тоа како богатите нации ги занемаруваат државите со ниски приходи во дистрибуцијата. Тедрос рече дека секој ден има шест пати повеќе бустери кои се администрираат на глобално ниво отколку примарните дози во земјите со низок приход.

Тој уште еднаш ги повика нациите со складирана вакцина да ја донираат на глобалната иницијатива за соработка за вакцини Ковакс која е управувана од СЗО за да ја дистрибуираат во светот во развој. Тој рече дека Ковакс работи кога ќе му се даде шанса, има испорачано речиси 500 милиони дози во 144 земји и територии.

Тедрос рече дека повеќето земји се подготвени да дистрибуираат вакцини на својот народ, но им требаат дозите. Тој рече дека има само две земји кои не почнале да го вакцинираат своето население - Еритреја и Северна Кореја.

СЗО постави цел до крајот на оваа година целосно да вакцинира 40 отсто од населението во секоја земја во светот.

XS
SM
MD
LG