Во комплексот беше сместена американската амбасада до 2015 година, кога САД ги прекинаа операциите таму поради тековната граѓанска војна во Јемен меѓу бунтовниците Хути поддржани од Иран и владата поддржана од Саудиска Арабија. САД го преместија својот амбасадор и клучниот персонал во Саудиска Арабија.
Портпаролот на Стејт департментот, говорејќи за позадината, изјави за новинарите во четвртокот дека „мнозинството“ од персоналот на амбасадата кои биле приведени се ослободени и дека Вашингтон се впушта во „непрестајни“ дипломатски напори за ослободување на чуварите кои се уште се држат како заложници. Не е јасно колку јеменски вработени се приведени и зошто.
Стејт департментот, исто така, побара од бунтовниците да го напуштат објектот и да го вратат запленетиот имот.
На брифингот на Стејт департментот претходно оваа недела, портпаролот Нед Прајс рече дека „се залагаме за осигурување на безбедноста на оние кои и служат на американската влада во странство, и затоа сме толку активно ангажирани за ова прашање, вклучително и преку нашите меѓународни партнери.”
Хутите со години ја контролираат Сана и поголемиот дел од северот на земјата. Саудиска Арабија цврсто се спротивставува на силите на Хутите и започна воена интервенција во Јемен во 2015-та година, наводно сакајќи да ја врати меѓународно признатата влада на Јемен на власт. Саудијците и нивните сојузници исто така се обидуваат да го спречат Иран да го прошири своето влијание.
ОН соопштија дека граѓанската војна ја создаде најголемата хуманитарна криза во светот.