(Велингтон, 12 ноември, Ројтерс) - Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг се очекува денеска да им се обратат на лидерите од регионот на Тихиот Океан во услови на засилени регионални трговски и геополитички тензии.
Кина го диктираше тонот за состанокот на 21-члената Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК) оваа недела, при што Си предупреди преку видео порака во четвртокот дека регионот не смее да се врати на тензиите од ерата на Студената војна.
Изјавата се сметаше за коментар на напорите на Соединетите Држави и нивните регионални сојузници да го запрат она што тие го гледаат како растечкото принудно економско и воено влијание на Кина.
Бајден ќе се обрати на собирот, потврди Белата куќа преку соопштение, додавајќи дека ќе разговара за тековните напори за справување со пандемијата со Ковид-19 како и за поддршка на глобалното економско закрепнување.
„Учеството на претседателот ја покажува посветеноста на САД на индо-пацифичкиот регион и на мултилатералната соработка“, се вели во соопштението.
Кинеското министерство за надворешни работи исто така потврди дека Си ќе зборува на состанокот преку видео врска.
Собирот на АПЕК се случува пред многуочекуваниот виртуелен самит меѓу Бајден и Си во понеделник, додека суперсилите се обидуваат да спречат растечките тензии меѓу двете најголеми светски економии да се прераснат кон конфликт.
АПЕК е последниот мултилатерален состанок во годината и доаѓа по голем број собири, вклучително и високиот самит на Г-20 во Рим и климатскиот состанок COP26 во Глазгов, Шкотска.
АПЕК 2021 е целосно организиран преку Интернет поради цврстите мерки за контрола на пандемијата на домаќинот Нов Зеланд, кои ги држат неговите граници затворени за речиси сите патници веќе 18 месеци.
Нов Зеланд ја нагласи поддршката на АПЕК за борба против Ковид-19, декарбонизација на економиите и одржлив раст.
На специјален состанок свикан од новозеландската премиерка Џасинда Ардерн во јуни, членовите на АПЕК ветија дека ќе го прошират споделувањето и производството на вакцини за Ковид-19 и ќе ги укинат трговските бариери за лекови.
АПЕК ќе се одржи во Тајланд следната година.
Соединетите Држави понудија да бидат домаќини на рундата на состаноците на АПЕК во 2023 година за прв пат по повеќе од една деценија, иако не е постигнат консензус за овој предлог, рекоа официјални лица.
На средбата се очекува да зборуваат и рускиот претседател Владимир Путин и канадскиот премиер Џастин Трудо.
Текстот е преземен од Ројтерс.