Линкови за пристапност

Полска ја обвини Белорусија за тероризам на границата


Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во средата ја обвини Белорусија за „државен тероризам“ во врска со мигрантската криза на границата меѓу двете земји.

Моравјецки ги даде коментарите на новинарите за време на заедничката прес-конференција во Варшава со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој дојде во Полска за да ја покаже поддршката на Европската Унија за Полска за ситуацијата со мигрантите.

Полска и ЕУ ја обвинуваат владата на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како оружје, главно од Африка, Блискиот Исток и Авганистан, со тоа што ги поканува да влезат во Белорусија и ги проследува до полската граница, понекогаш и насилно.

Полските војници неколкупати се судрија со мигрантите додека тие се обидуваа насилно да ја преминат границата. Полските безбедносни власти соопштија дека би можело да има околу 12.000 мигранти во Белорусија, кои кампуваат во близина на границата.

На прес-конференцијата, Моравјецки рече дека верува оти акциите на границата се „тивка одмазда“ на Лукашенко бидејќи Полска, заедно со другите земји-членки на ЕУ, ги поддржа санкциите што блокот ги воведе претходно оваа година против Белорусија поради кршење на човековите права откако Владата на Лукашенко ги разби опозициските протести по минатогодишните спорни претседателски избори.

Мишел ги нарече дејствата на Белорусија во врска со ситуацијата на границата „хибриден, брутален, насилен и недостоинствен напад“ и рече дека ЕУ размислува за цврст, едностран одговор, најнепосреден во форма на дополнителни санкции.


Тој рече дека ЕУ разгледува блокирање на белоруските авиокомпании, кои донесоа некои од имигрантите во земјата, како и наметнување други економски санкции, за кои се дискутираше на состанокот на Европскиот совет.

Во меѓувреме, за време на прес-конференцијата во Москва во средата, белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи обвинувањата против неговата земја ги нарече апсолутно неосновани. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини ЕУ за ескалација на ситуацијата и повика на директни разговори меѓу двете страни.

Русија е најблискиот сојузник на Белорусија во регионот.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.

XS
SM
MD
LG