Линкови за пристапност

Таравари за Глас на Америка: Владата ќе падне со 62 гласа, се преговара и со други пратеници


Таравари за Глас на Америка: Владата ќе падне со 62 гласа, се преговара и со други пратеници
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:58 0:00

Генералниот секретар на Алијанса на Албанците во интервју за Гласот на Америка, Арбен Таравари, вели дека „несомнено е оти бродот на Заев тоне.“

Глас на Америка: г-дин Таравари, како ја оценувате моменталната политичка ситуација во државата?

Арбен Таравари: После локалните избори ситуацијата е доста нестабилна. И пред тоа ние имавме едно нестабилно мнозинство, со бројка од 62 пратеници и нормални се тенденциите на тие што се опозиција, да побараат недоверба на владата, која што е крајно криминализирана, коруптивна, кај што не функционира правната држава. И ова не го велам јас. Тоа го кажува Транспаренси интернешанал, тоа го кажува поранешниот претседател на СДСМ, поранешниот претседател и премиер на Македонија, Бранко Црвенковски. И многу други релевантни институции кажуваат дека оваа власт е корумпирана, криминализирана и со нефункционирање на правна држава. Да не зборуваме за проблемите со Ковид-19 и не справувањето успешно со тоа. Да не зборуваме за состојбите во образованието, каде што јавна тајна е дека постојат универзитети, кои што продаваат дипломи. И резултатите од овие избори беа повеќе казна за оваа влада, отколку победа за опозицијата. Над 70 % од општините, веќе се преземени од опозицијата и нормално е да се побара недоверба на оваа влада. И самиот актуелен премиер си поднесе оставка на 31 октомври. Јас мислам дека тоа е доволен доказ, дека е нормално опозицијата да се обидува да направи ново мнозинство.

Глас на Америка: Во четврток на седница на парламентот треба да се гласа за доверба на актуелната влада. Вие најавувате дека имате мнозинство, но што по најавите на пратеникот Скендер Реџепи, дека ќе ја напушти Алтернатива ако партијата реши да ја урне владата заедно со Левица?

Арбен Таравари: Јас мислам дека ќе бидат повеќе од 61 пратеник. Но како и да е, да причекаме до четврток. Секој си има свој став и ние не можеме да се мешаме на некого каде му е потписот. Неговиот потпис стои во ист список со Левица и платата што ја зема од собранието. Но секој си има совест. Пратеникот кој што зборува сега, јас колку што знам, десет години се бори за да се урне режимот, прво со Груевски и Ахмети, а сега хибридниот режим, за кого велат хибриден режим повторно меѓународните институции. Ова е моментот кога може да се собори Ахмети, а потоа за формирање на нова влада, ќе видиме какви услови ќе има. Ќе има преговори и евентуално дали ќе може да се направи. Но јас мислам дека има добро расположение. Бродот на Заев тоне и тоа го знаат сите веќе. Внатре има таму диверзија на повеќе пратеници, кои што се дел од СДСМ или се дел од партиите кои се во коалиција со СДСМ. Несомнено е дека тој брод тоне и ако преживее сега, нема да преживее повеќе од четири-пет месеци. И ако се оди на предвремени избори, нема дилеми. Тие изгубија повеќе од 70% од општините. Тоа се 500-600 функционери на СДСМ. Тие се повеќе незаинтересирани за ова мнозинство, имајќи во предвид како функционираше оваа влада, назад, четири-пет години.

Глас на Америка: Рековте дека може да има и поголем број на пратеници. Тоа значи дека преговарате со некои пратеници?

Арбен Таравари: Со неколку пратеници се преговара и јас мислам дека ќе падне владата со 62 пратеници. Ќе видиме, за брзо е денот.

Глас на Америка: Таравари дали ако сепак не успеете во овој потег да ја урнете актуелната влада, дали тоа ќе значи удар за опозицијата, дека она што го ветивте нема да успеете да го испорачате?

Арбен Таравари: Не. Јас мислам дека ќе се успее да се урне владата. Немам дилеми во тоа. Така да нема никаков проблем. Јас мислам дека ќе си отидат и време е да си отидат. Премиерот сам си даде оставка. И да не беа овие 61,62 пратеници, тој си поднесе оставка. Така да веќе не е претседател на таа партија. Тој кажа дека нема да биде ниту премиер, но еве веќе десет дена не поднесува оставка. И така и така јас мислам дека тој човек замина.

Глас на Америка: Дел од експертската јавност смета дека наместо расплет на ситуацијата, може да се случи нов заплет. Што сметате?

Арбен Таравари: Нема што да има нов заплет. Нема што да се случи ново. Единствено што може да се случи е да си отиде оваа влада. Тоа е, нема друго што да се случи.

XS
SM
MD
LG