На документот стојат потписи на 61 пратеник – новото мнозинство најавено минатата седмица во кое покрај ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се и Алијанса, Алтернатива, Беса, Левица.
„Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот. Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните што се виде на локалните избори, коишто всушност беа референдумско изјаснување против сегашната влада и нејзините политики“ рече Александар Николовски, ВМРО-ДПМНЕ.
За да биде изгласана недоверба на владата потребно е да гласаат сите овие 61 потпишани пратеници што, според Уставот, е мнозинство од вкупниот број пратеници. Но, еден од пратениците на Алтернатива, Скендер Реџепи, денеска се повлече од иницијативата. Како причина за „пишманењето“ ја наведе „Левица“, партија која се залага за излегување од НАТО, поништување на Преспанскиот договор, повлекување од признавањето на Косово.
„Сите пратеници беа убедени дека Левица не потпишува, договорот беше дека ќе потпишеме со ЛДП, БЕСА, ВМРО и во духот на ова се договорив да го дадам потписот. Секогаш ќе го давам секој потпис кога треба да се отстрани злото за Албанците наречено ДУИ , но не по секоја цена, и ставот на Алтернатива отсекогаш бил да не се идентификуваме со политички субјект кој е антиалбански и затоа не дозволувам да го оцрнам моето достоинство по која било цена“ изјави Скендер Реџепи – Зејд, Алтернатива.
За останатите партии кои заедно со ВМРО-ДПМНЕ се дел од иницијативата за смена на владата, потегот на Реџепи е изненадување. Според албанските партии во владата, Реџепи правилно постапил.
„Не можам да зборам надвор од она што го има на списокот. Имаме 61 потписи, некој најавува дека ќе се повлече. Се потпишал и тоа е тоа“ вели Зијадин Села, Алијанса за Албанците.
„Јасна беше неговата изјава и го разбирам. Кој и да соработува со Левица ќе има проблем да го објасни тоа пред своите гласачи и меѓународната заедница“ вели Изет Меџити, ДУИ.
По доставувањето на иницијативата, претседателот на Собранието во рок од 3 дена треба да закаже седница, значи не подоцна од четврток, на која ќе се гласа за иницијативата и ќе се утврди дали бројот на потписи на документот ќе кореспондираат со бројот на гласови кои ќе бидат „за“ недоверба на владата.
По денешните случувања во парламентот, 8 дневен молк, за кризата насатаната по неговата најава за заминување, се огласи и премиерот Заев. „За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново“, напиша Заев на социјалните мрежи.