Новите барања за бенефиции за невработени во САД паднаа на ново ниско ниво, објави Одделот за труд, бидејќи најголемата светска економија продолжува да закрепнува од пандемијата.
Вкупно 269.000 лица без работа поднеле барање за надоместок за невработеност, што е за 14.000 помалку од претходната недела, соопшти агенцијата. Бројот на невработени е со најмала стапка од средината на март 2020-та година, кога пандемијата првпат ја погоди американската економија, иако сè уште е повисока од неделниот просек пред пандемијата од 218.000 во 2019-та година.
Откако надминаа 900.000 на почетокот на јануари, неделните апликации генерално се намалија како што се опоравува пазарот на труд. Во текот на последната недела од октомври, 2,1 милиони луѓе во САД добија компензација за невработеност, што е далеку пониско од 7,1 милиони во 2020-та година, кога економијата ги претрпе најлошите ефекти од пандемијата.
Во март и април 2020-та година, работодавците укинаа повеќе од 22 милиони работни места за да се избегнат нови инфекции поврзани со корона вирусот. Околу 17 милиони од тие работни места повторно се отворија.
Владиното финансиско олеснување и вакцините доведоа до повеќе потрошувачки трошоци и повторно отворање на деловни активности, принудувајќи ги компаниите да се борат да ја задоволат побарувачката со повторно вработување на работници, особено за работни места со ниски плати.
Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.
Facebook Forum