Линкови за пристапност

Русија обвини поранешен новинар за предавство за кое добил 248 долари


(Москва, Ројтерс) Руските специјални служби го обвинија поранешниот новинар Иван Сафронов дека продал информации за руските воени операции во Сирија за 248 долари.

Според истрагата тој информациите наводно ги дал на политички аналитичар кои потоа ги проследил до германските разузнавачи, вели адвокатот на Сафронов.

Адвокатот Иван Павлов вели дека обвинението во врска со Сирија е додадено во случајот за предавство кој се води против неговиот клиент.

Поддржувачите на Сафронов велат дека ова е дел од кампања која има за цел да ги заплаши новинарите.

Адвокатот Павлов вели дека според обвинението Сафронов ги продал инфомациите во 2015-та на политичкиот аналитичар Демури Воронин кој потоа ги проследил до германската служба за разузнавање БНД како и до универзитет во Швајцарија.

„Според обвинението Воронин му исплатил компензација од 248 долари“ напиша адвокатот на социјалните медиуми додавајќи дека новинарите во Русија може да бидат обвинети за предавство само затоа што си ја вршат работата.

Софронов, поранешен новинар кој во фокусот ја имал одбраната, а кој подоцна работел како помошник на директорот на руската вселенска агенција беше уапсен минатата година и се соочува со казна затвор од 20 години доколку биде прогласен за виновен. Тој негира било каква вина.

Руските медиуми јавија дека истрагата е завршена, а службата за разузнавање не одговори на барањето на Ројтерс за коментар, додека БНД одби да коментира.

Главното обвинение против Сафронов е дека во 2017-та и пренел воени тајни на Чешка во врска со руските испораки на оружје на Блискиот Исток и Африка.

Речиси 100 илјади луѓе се потпишаа на онлајн петиција во која властите се обвинуваат дека фалсификуваат докази. Кремљ го негира ова.

Павлов, еден од адвокатите кои од тимот кој го брани Сафронов, побегна од Русија и се пресели во Грузија во септември откако за него беше отворена криминална истрага за наводно откривање класифицирани информации во врска со овој случај.

Политичкиот аналитичар Воронин кој има двојно, руско и германско, државјанство беше уапсен во Москва во февруари под обвинение за предавство. Неговата адвокатка Мариа Орлова негира дека ова е поврзано со случајот на Сафронов и за Ројтерс изјави дека Ворнин не признал вина и одбил да сведочи.

Текстот е преземен од Ројтерс

XS
SM
MD
LG